СДСМ поднесе предлог-закон за финансиска поддршка на земјоделците


Пратеничка група на СДСМ и коалицијата денеска поднесе предлог-закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза во 2026 година врз производството и откупот на земјоделските производи.  

„Изминатиот период се сретнавме со стотици земјоделци, луѓе кои макотрпно работат од сабајле до вечер и ги слушнавме нивните проблеми. Бевме таму на терен кај нив, кај лозарите, кај сточарите, млекопроизводителите, оризопроизводителите, производителите на пиперка… Сите се соочуваат со истиот проблем.  Прво се разочарани затоа што никој од власта не им обрнува никакво внимание. Понатаму, се многу загрижени и исплашени, затоа што и покрај тоа што работат од сабајле до вечер, ги вложиле последните пари од семејните буџети, некои од нив дури земале и кредити за да купат репроматеријали, да може оваа година, овие сезони да има род тоа што тие го работат, и сега нема никаков откуп. ​Родот скапува на нивите. Онаа мала количина на производот којшто тие го произведуваат којшто е откупен, е со мизерно ниски цени“, рече претседателот на партијата, Венко Филипче, на прес-конференција во Собрание.

Поради тоа, посочи тој, СДСМ заедно со коалицијата го поднеле овој предлог-закон, со цел да добијат директна и навремена помош за најпогодените земјоделци.

„Со овој предлог-закон ќе бидат опфатени сите категории земјоделци: прво, финансиска поддршка за лозарите од 8 денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите Вранец и Кратошија. ​Понатаму, за лозарите коишто нема да успеат да го продадат своето грозје, финансиска поддршка од 300.000 денари по хектар евидентиран лозов насад. ​За производителите на пиперка ајварка, поддршка од 10 денари за килограм продадена пиперка, како и дополнителни 200.000 денари по хектар евидентирана засадена површина. ​Следно, за производителите на пченица, 5 денари по килограм, без разлика дали пченицата е продадена кај регистриран откупувач или е складирана во евидентиран склад. ​За сточарите, поддршка од 8.000 денари за грло добиток. Ова важи за сточарите коишто се влезени во програмата за 2025 година и коишто се евидентирани и за 2026 година“, рече Филипче.  

​Со законот, додаде тој, се опфаќаат и оризопроизводителите, при што тие предлагаат 10 денари по килограм произведена и продадена оризова арпа кај регистриран откупувач во 2026 година.  

„Корисници ќе бидат земјоделските стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. ​Оваа помош ќе биде дополнителна на редовните директни плаќања и на останатите мерки за 2026 година, а треба да биде исплатена од Платежната агенција најдоцна до 31 декември. Со овие пари практично земјоделците ќе ги планираат следните чекори за следната сезона, односно за 2027 година. ​Ова е тоа што е сега потребно: нераспродавање на македонската земја и вода за туѓи интереси и за туѓи профити. Македонската земја треба да ја обработуваат македонските земјоделци, водата треба да се користи прво за пристоен живот, понатаму да се наводнува земјиштето“, посочи Филипче.

Апелираше до пратениците на власта, овојпат да ги поддржат овие мерки и да го поддржат овој предлог-закон, бидејќи, додаде, доаѓа во исклучително критичен момент и ова не е прашање на политичка разлика на власта или на опозицијата, туку прашање на опстанок на илјадници семејства коишто живеат од земјоделството.