Туристичките работници пред банкрот, бараат итна помош од државата


Со добро осмислени мерки, со позитивна пропаганда и соодветна поддршка од медиумите, работите во секторот ќе се подобрат, велат хотелиерите

Неповратна помош преку Фондот за туризам според остварен промет во 2019 година и субвенционирање на платите од 14.500 денари до крајот на годината со 100-процентно покривање на придонесите, бараат туристичките агенции од државата.

Велат дека се пред банкрот зашто пет месеци не работат. Сите резервации им се откажани и не остваруваат никаков приход. Ако ваквата ситуација продолжи, можно е во август, како што предупредија денеска на прес-конференција, 5.000 семејства  да останат буквално на улица.

За превозниците бараат да се преиспита одлуката од Комисијата за здравство и наместо 50 проценти, како што е сега, капацитетот на исполнетост на возилата да се дозволи да биде 70 отсто од седиштата, како и до 2021 година да важи зелениот картон за 2020 кој е веќе платен, но не и искористен.

– Апелираме најитно, иако е време на избори, нашите барања да се разгледаат и да се решат позивитно. Во спротивно, на туристичкиот сектор, особено на туристичките агенции и превозниците, им се заканува банкрот. Состојбата е алармантна и исклучително загружувачка ако се земе предвид колку семејства опстануваат и се прехрануваат од оваа дејност, рече извршната директорка на Стопанска комора за туризам на Македонија, Биљана Пејоска Ристеска, апелирајќи налдежните да ја сфатат состојбата најсериозно.

Таа објасни дека Комората досега имаше одлична соработка со институциите и голем дел од предложените мерки на секторот беа прифатени. Но, тоа бил краткорочен сет, согласно ситуацијата тогаш.

– Сега, со оглед дека состојбата нема и не може да се поправи до крајот на годината, предлагаме втор сет, но долгорочни мерки како дополнување на претходните за кои, пак, бараме пролонгирање. Се работи за вкупно девет мерки од кои две се клучни. Субвенционирањето на платите со 14.500 денари да биде до крајот на годината и со него да бидат опфатени сите агенции, вклучувајќи ги и оние што почнале со работа во јануари, односно оние кои немаат најмалку шест месеци активност. Овие две мерки се егзистенцијални, социјални и ги опфаќаат сите категории вработени, потенцира Пејоска Ристеска.

Вториот сет мерки се однесуваат и на туристичките водичи, посебно на оние кои живеат од оваа дејност и немаа друг, дополнителен приход.

СКТМ, меѓу другото, бара и пролониграње на кредитирањето за една година, како и целосно ослободување од ДДВ на турстичките агенции во дојдовниот туризам.

Комората вчера ги достави мерките до Министерството за економија од каде очекува одговор во најбрз можен рок.