Туристичките работници повторно на протест ако не се укине одлуката за превоз на 50 проценти во автобусите


Фото: Б. Грданоски

Туристичкиот сектор, еден од најпогодените од пандемијата со Ковид-19, најавува нови дејствувања и протести ширум државата, со комплетна блокада на патиштата, доколку под итно не се преземат мерки за помош. Бараат најдоцна до 15 август да се промени одлуката за превоз на 50 проценти во автобусите и да продолжи мерката за субвенционирање на платите во овој сектор во кој спаѓаат туристичките агенции, водичите и превозниците.

Нема никаква логика, како што велат, да остане протоколот за патување со автобуси  затоа што со почитување на безбедносните мерки може да се организира патување.

– Бараме под итно да се промени одлуката за превоз на 50 проценти на патници во автобусите. Ниту една земја од Балканот, па и светот нема ваков протокол, авионите летаат со комплетен и полн капацитет. Додека сите агенции во светот добија прилика колку толку да закрепнат, помогнати од државата, како нивен столб и помош, кај нас како таа да прави се за намерно да останеме на улица. Нема никаква логика да остане овој протокол кога со почитување на безбедносните мерки, може да се организира патување.Поставуваме ултиматум, најдоцна до 15-ти август да дојде до измена на оваа нелогична одлука за превозот со автобуси и да се продолжи мерката за субвенционирање на платите на нашиот сектор во кој спаѓаат туристичките агенции, водичите и превозниците, стои во соопштението од секторт туризам.

Им била ветувана помош по завршување на изборите, но, посочуваат, сега се чека да се формира Влада и така во недоглед. Реагираат на изјавата на министерот за здравство во заминување Венко Филипче кој препорачува да не се патува и посочуваат дека во таков случај државата треба да им помогне.

-Како сектор кој се уште е најзагрозен поради пандемијата, наведуваат, направивме секакви напори за да допреме до совеста и човечноста на државата, но како и пред изборите кога имаше ветувања дека веднаш ќе се преземат дејствија по нивното завршување, сега чекаме Владата да се формира и така до недоглед. Како тоа да не е доволно, министерот Венко Филипче дополнително ни ја отежна работата, која и онака е речиси непостоечка, со изјавата: Препорачувам воопшто да не се патува, граѓаните да седат дома и пожелно е границите да не се отворат. Најостро ја осудуваме оваа негова изјава и сметаме дека не само што не ни помагаат, туку дополнително ни ја отежнуваат работата. Агенциите бидејќи немаат никаква финансиска поддршка, оставени сами на себе, се обидуваат и со најмалите расположливи услови да направат каква било продажба. Доколку министерот препорачува да не се патува за да се заштитат граѓаните, тогаш државата нека помогне на овој сектор и да не заштити и нас од пропаста која веќе пристигна!, стои во соопштението од туристичкиот сектор.

Туристичките работници организираа мирен протест во центарот на Скопје на 29. минатиот месец. Повторно побараа помош и предупредија дека ако државата не реагира веднаш, секторот ќе колабира. Околу 5.000 семејства, рекоа тогаш, ќе останат без приходи и исто толку лица ќе треба да се пријават во Агенцијата за ваботување.