Трудо: САД ги одложуваат новите царини за Канада за најмалку 30 дена


САД ќе ја одложат примената на новите царини за канадските производи најмалку 30 дена, соопшти денеска канадскиот премиер Џастин Трудо по телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.

– Имплементацијата на предложените царини ќе биде одложена најмалку еден месец додека работиме заедно на ситуацијата, изјави Трудо.

Канада прифаќа нови обврски, вклучително назначување службеник одговорен за проблемот со фентанил, додавање на мексиканските картели на списокот на терористички организации и создавање заедничка работна група со САД за борба против организираниот криминал, трговијата со фентанил и перењето пари, посочи Трудо во изјава на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека во разговорот со Трамп ветил дополнителна соработка во областа на граничната безбедност. Одлуката доаѓа откако вчера беше објавено слично одложување за Мексико.

Од своја страна, Трамп изјави дека разговорот со Трудо поминал „многу добро“, пренесе Си-Ен-Ен.

По одложувањето на царините за Мексико и Канада, остануваат само новововедените тарифи за кинески стоки од 10 проценти.