Трошоците на живот во јуни поголеми за 2,7 отсто, а цените на мало за четири


Tрошоците на животот во јуни годинава, во однос на јуни лани, бележат зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало порасначле за 4,0 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Трошоците на живот во јуни во однос на мај се повисоки за 0,5, а цените на мало за 0,9 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во јуни 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 15,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,8 отсто, маслото и маснотиите, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,7 отсто, рибата и морските плодови за 0,6 отсто, месото, млекото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,3 отсто, виното, пивото за 0,2 отсто.

Во јуни, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот, е забележан и кај  воздухопловниот патнички транспорт за 27,8 отсто, услугите за сместување за 4,6 отсто, медиумите за снимање за 4,4 отсто, другите печатени материјали за 2,5 отсто,  течните горива за домаќинствата за 2,1 отсто, книгите за 1,7 отсто, терапевтските помагала и опремата за 1,1 отсто, ткаенините за изработка на облека, големите алатки и опрема, рестораните, кафулињата и слично. Производите за лична хигиена поскапеле за 0,6 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за  0,5 отсто, другите услуги поврзани со живеалиштето, неспоменати на друго место за 0,4 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства, другите услуги за опремата за сопствен превоз, информатичката опрема за обработка на податоците за 0,3 отсто, обувките, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, туристичките аранжмани за 0.2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јуни 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 10,5 отсто, јајцата за 0,7 отсто и оризот за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај собирањето на отпадните води за 3,7 отсто, гасот за домаќинствата за 2,6 отсто, електричните апарати за лична хигиена за 1,4 отсто, малите апарати за домаќинствата за 1,2 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 0,8 отсто, домашните миленици и сродните производи за 0,4 отсто, големите апарати за домаќинствата, моторните возила за 0,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.