Тројца матуранти создадоа паметна ракавица со која може да се комуницира со глувонеми лица
Никола Бансколиев, Владимир Вешоски и Владимир Донев се тројцата матуранти од електротехничкото училиште „Михајло Пупин“ кои неодамна создадоа паметна ракавица, со помош на која може да комуницираат глувонеми лица на знаковен јазик. Идејата за ваков изум бил на нивната професорка Стефана Христовска, која предава стручни предмети во училиштето.
„Таа рече дека има идеја која сака ученици да ја реализираат. Професорката нас не познава, ги знае нашите способности и состави тим од нас тројца. Изумот го претставивме на натпреварот „Џуниор ачивмент“ кој беше одржан во Струга оваа година, каде што освоивме четврто место“, вели ученикот Бансколиев.
Оваа смарт ракавица, нуди опција да го преведе знаковниот јазик, односно движењето со рака, во текст. Тоа им овозможува на глувонемите лица да комуницираат со лицата кои можат да слушаат и да зборуваат.
„За да го изработиме ова ни беа потребни околу пет месеци, а најголем проблем ни беше снабдувањето на компоненти“, вели ученикот Вешоски.
Паметната ракавица се состои од флекс сензори кои се главна компонента.
„Потоа имаме ЛЦД дисплеј на кој се печатат фразите, буквите и зборовите, а внатре е сместена целата електроника. Го имаме микроконтролерот, користиме ардуино нано, а самото име, нано, значи дека е во многу мали димензии, може секаде да се смести без проблем. Користиме и акселерометар кој ја одредува позицијата на раката“, објасни ученикот Бансколиев.
Тие планираат да го усовршат изгледот и перформансите на ракавицата, односно сакаат да го елиминираат дисплејот и да има бар код кој ќе може да се поврзе со телефон и на тој начин ќе се олесни комуникацијата. Во однос, пак, на идните планови поврзани со натамошното образование, овие млади луѓе планираат да го продолжат и да се запишат на студии.
„Плановите ни се да одиме на студии и да продолжиме да се бавиме со електроника. Исто така планираме да го подобриме нашиот продукт и евентуално да почнеме да го продаваме“, вели ученикот Владимир Донев.
Матурантите беа запишани на насоката компјутерска техника и автоматика. За оваа насока, секоја година интересот е најголем.