Тројца автори добитници на наградата „Струшко слово“


Лидија Капушевска-Дракулевска, Мустафа Спахиу и Недељко Терзиќ се годинашни добитници на меѓународната награда „Струшко слово“ која петти пат ја доделува редакцијата на ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга во рамки на   „Струшки книжевни средби“. Ќе им биде врачена на завршниот дел од оваа манифестација што ќе се одржува од 4 до 6 јули во Струга, Охрид и Вевчани.

Капушевска-Дракулевска е наградена за нејзиниот досегашен ангажман во областа на книжевноста и културата во земјава и во светот. Таа е редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Оваа година Капушевска ја доби наградата за критика „Димитар Митрев“ за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“.

Мустафа Спахиу е поет, писател, новинар, преведувач и литературен критичар од Косово. Наградата му се доделува за особени заслуги во неговото творечко дело, прогресивната мисла и за подобрување на културно пријателство на балканските простори.

Недељко Терзиќ е писател, поет и драмски автор од Сремска Митровица, Србија.  Како што соопшти организаторот, наградата ја добива за особени заслуги во градењето на непремостивото пријателство меѓу авторите и државите на Балканот и пошироко.

Досегашни добитници на наградата „Струшко слово“ се Валерио Орлиќ и Никола Шимиќ Тонин од Хрватска, Ѓорѓе Добре од Романија, Жарко Милениќ од Босна и Херцеговина, Мујо Буќпапај од Албанија и македонските автори Васил Тоциновски, Виолета Димова, Панде Манојлов и Јордан Ѓорчев.