Триумф на „Опенхајмер“ на „БАФТА“ – освои седум златни маски


Лондон- Филмот „Опенхајмер“ е најголемиот хит годинава на доделувањето на филмските награди „БАФТА“ во Лондон, Велика Британија, победувајќи во седум категории, меѓу нив и за најдобар филм, машка главна улога и режисер.

Одличјето за најдобар филм го презеде брачната двојка Ема Томас и Кристофер Нолан (режисер), кои заедно со Чарлс Ровен беа продуценти, а ирскиот глумец Килијан Марфи го понесе признанието за најдобар глумец за улогата на Џеј Роберт Опенхајмер – американски теоретски физичар кој се смета за „таткото“ на атомските бомби.

 

„Женската верзија“ на приказната за Франкенштајн и чудовиштето, филмот „Poor Things“ (Бедни суштества) на Јоргос Лантимос освои пет статуетки, вклучувајќи ја и онаа за најдобра женска улога, којашто ѝ припадна на Ема Стоун.

„Барби“ остана без ниту една награда, и покрај тоа што имаше номинации во пет категории.

Ема Стoун и Емили Блант

Признанието „Ѕвезда во подем“, единствената награда „БАФТА“ за којашто одлучува јавноста со свој глас, ѝ припадна на англиската глумица Мија Меккен-Брус. Наградата за најдобар документарен филм ја доби филмот „20 дена во Мариупол“ на Мстислав Чернов.

Бредли Купер и Кери Малиган

Германската драма „Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер освои три „БАФТА“ награди, меѓу кои и за најдобар британски филм и странски филм.

Стипендијата „БАФТА“ наменета за заслуги и извонредни филмски остварувања, што во минатото, меѓу другите, ја добиваа Стивен Спилберг, Хелен Мирен и Чарли Чаплин, годинава ѝ беше доделена на британската глумица Саманта Мортон.

Наоми Кембел и Розамунд Пајк

Домаќин на свеченото доделување на престижните награди беше шкотскиот глумец Дејвид Тенант.

Најголем број номинации на овогодинешните награди Бафта доби филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан – дури 13, а потоа „Poor Things“ – со 11 номинации. „Убијци на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) на Мартин Скорсезе, кој не освои ниту една маска, како и „Зона на интерес“ имаа по девет номинации.

Британската академија за филмска и телевизиска уметност – „БАФТА“ е независна организација основана 1947 година од група британски филмски продуценти. Целта на наградите, се вели, е поттик, развој и оддавање признанија за најдобрите филмови, ТВ-серии улоги и други уметнички остварувања во тоа поле.

Принцот Вилијам сам и без говор на БАФТА

Покрај голем број познати личности кои присуствуваа на церемонијата во Royal Festival Hall во строгиот центар на Лондон, на листата на гости се најде и претседателот на BAFTA, британскиот принц Вилијам, кој пристигна сам на доделувањето.

И покрај проблемите кои во последно време го зафатија неговото семејство, принцот беше одлично расположен и уживаше во средбите со насобраните луѓе и големите актерски ѕвезди. Посебно се израдувал кога ја здогледал австралиската актерка Кејт Бланшет, со која најпрвин срдечно се поздравил, а потоа уживал во пријатен разговор бидејќи седеле еден до друг.