Трите поенти на Бесими: Економската состојба е сериозна, финансиите се стабилни и може да се најде решение


Економската состојба во земјава е сериозна поради импактот на корона вирусот и епидемиолошката криза на светско ниво, но финансиите се стабилни и може да се најде решение со добро планирање на четвртиот пакет на мерки за да се ублажи  ефектот на кризата во третиот и четвртиот квартал од годинава и земјава да влезе во период на позабрзан економски раст во 2021 година доколку нема нов бран на епидемиолошка криза, порача денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој апелираше во идниот период добро да се планира и ефикасно да се реализира тоа што се планира.

„Ова е една од најголемите економски кризи на светско ниво, дури неколкукратно поголема од глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година. Со актуелниот ребаланс се намалија приходите во Буџетот на 11,5 проценти, а вториот квартал бележи пад од 12,7 проценти на БДП што се ефектуираат во досегашното планирање. Ние гледаме Буџетот да биде стабилен и предвидлив за стопанствениците со навремена испорака на фискалните обврски од страна на државата“, рече Бесими во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Како Влада, посочи тој, работиме на четвртиот сет на мерки и најдоцна до крајот на месецот ќе имаме предлог мерки кои ќе зависат од висината на чинење на пакетот на мерки, а средствата ќе се обезбедат најпрво со репрограмирање.

„Ќе одиме со репрограмирање на средства од проектите за кои со голема веројатност се знае дека нема да се реализираат до крајот на годината со цел да има ефикасно и оптимално алоцирани средства што се планираат. Соодветно од големината на пакетот ќе видиме колку ќе влијае на јавниот долг за кој имаме јасно дефинирана позиција да биде во рамките на стабилно финансирање на нашата економија“, рече Бесими и додаде дека доколку се носи одлука за ребаланс тоа ќе биде до крајот на месецот.

Бесими прецизира дека во рамките на постојниот Буџет со планираните приходи и расходи се предвидува до крајот на годината да нема јавен долг над 60 проценти од БДП.

„Сега подготвуваме четврти сет мерки и за да најдеме доволно средства за негово финасирање ќе гледаме каде има можност за репрограмирање во постојниот Буџет од проекти за кои знаеме дека нема можност да се реализираат до крајот на годината. Доколку тоа не е доволно за реализација на целиот пакет во Буџетот и во рамките на сегашното планирање има простор за дополнителни задолжувања од 60 милиони евра на домашниот пазар што нема да предизвикаат зголемување на буџетскиот дефицит. Но, за тоа јавноста ќе биде информирана откако ќе се се дефинира сетот на мерки“, потенцираше Бесими.

Како што истакна, приходите и расходите се реализираат во рамки на планираното. Заклучно со 15 септември реализација на расходната страна во Буџетот е 68,9 отсто и 65,5 проценти на приходната страна, а реализацијата на капиталните инвестиции е 41,2 отсто.

„Во наредниот период ќе настојуваме приходната и расходната страна да генерира стабилно финансирање на Буџетот. Една од причините за ваквата состојба на Буџетот е што се случи корона кризата, имавме техничка влада и вонредна ситуација во која голем дел од проектите или не почнаа да се реализираат или имаше застој. Низ целиот свет имаше административна забрана, се затворија многу економски активности така се случи и кај нас. Тоа е еден дел од објаснувањето за општата ситуација гледано од тој аспект приходите сега, за сега се реализираат во рамките  на тоа што е планирано во проекциите“, посочи Бесими.

Минатиот месец, додаде тој, имавме за 17,1 отсто помалку приходи кај даночните приходи или за 13,9 отсто помалку од август минатата година. Во јули состојбата беше подобра.

„Гледаме што тоа значи на макро и микро ниво. Ние сме мала економија и тоа може да значи дека една поголема компанија имала застој во работењето или ремонт и реновирање и тоа да влијае за тој месец на даночнат активност. Во наредниот период сите институции треба да имаат добро планирање и добра реализација на тоа што е планирано, бидејќи планирани пари во Буџетот се со закон резервирани средства и право да се користат за прокетите кои ги одобрило Собранието во име на граѓаните“, нагласи Бесими.