Триесетдневен притвор за првоосомничениот за фасадата на Владата, за второосомничениот – куќен притвор
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје делумно го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по предметот за злоупотреба на положбата и овластувањата при реализација на договорот за реконструкција на фасадата на Владата како дел од проектот „Скопје 2014“ и на првоосомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на второосомничениот му определи мерка куќен притвор, информираа вечерва од ОЈО.
– Предметниот обвинител за останатите двајца осомничени до Судијата на претходна постапка достави предлог на мерки за обезбедување присуство за кои Судот ќе одлучува во редовна постапка. Воедно, судијата го усвои Барањето за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и го прифати Предлогот за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот, се додава во соопштението на ОЈО.
ОЈО претходно денеска соопшти дека по сеопфатна предистражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.
Од ОЈО образложија дека според опишаните дејствија во наредбата постои основано сомнение дека првоосомничениот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и поттикнување во извршување на истото кривично, додека останатите три лица – второосомничениот како службено раководно лице на орган на државна управа и трето и четврто осомничените – како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
– Првоосомничениот свесно ги повредил прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата на Република Македонија и ја изиграл постапката за јавна набавка доставувајќи како доказ дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиска состојба три договори за заеднички настап со три правни лица кои подоцна не ги ангажирал, како и два подизведувачки договори со правни лица на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка, наведоа од ОЈО.
Оттаму додадоа дека, иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија, како што посочија од ОЈО, првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000,00 денари.
– Воедно, подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект, истакнаа од ОЈО.
Оттаму информираа дека второосомничениот, со умисла поттикнат од првоосомничениот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на предметниот договор не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и на тој начин дозволил подизведувачот да вградува декоративни фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики.
– Трето и четврто осомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење на стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96 проценти минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна, додадоа од ОЈО.
Од Обвинителство наведоа дека од месец декември 2014 година до месец август 2015 година првоосомничениот како одговорно лице – управител на друштвото за градежништво, трговија и услуги со искористување на посебните овластувања што ги имал согласно Законот за трговски труштва како управител на друштвото, прибавил значителна имотна корист во износ од 8.823.916,00 денари за политичката партија.
Тој, како што посочија од ОЈО, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија.