Трибина „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“: Пред прагот сме на промена која треба да ги оствари надежите


Пред прагот сме на промената која треба да ги оствари надежите поради кои ја водиме оваа битка, на промената која сакате сите вие да ја видите и ја чекате шест години. Пред прагот сме да почнеме да ја создаваме иднината поради која вреди секоја наша борба и жртва, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашната трибина на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“.

Тој порача дека е потребна, како што рече, промена во погледите, промена во тактиката како држава, промена во мисиите од страна на владата, на народот, од страна на секој лидер и поединец. 

-Не е точна тезата дека Македонија нема херои. Тоа го зборат луѓето кои незнаат да погледнат околу себе, затоа што секоја педа македонска земја е скапо платена со жртвата на многу наши предци, со маката на многу наши современици кои се херои и на сегашното време, истакна Мицскоски.

Според него, работите никогаш не биле толку драматични како во последните шест години кога, како што рече „немаме само лошо владеење, не само управување кое е навреда на интелигенцијата на народот, туку масовен удар по нашето постоење, рекомпонирање на погрешни и новосоздадени основи кои никогаш не биле дел од нашиот код, нашиот идентитет“.

-Од власта не уверуваат дека било европски да ги менуваме нашите традиции и нашите верувања. А знаете дека е многу мала вредноста на зачувување на нашата нација, ако нашите традиции не ги сочуваме со неа, ако не го заштитиме нашиот јазик, култура и она што сме и по што се разликуваме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, потребна е промена во погледите, промена во тактиката како држава, промена во мисиите од страна на владата, на народот, од страна на секој лидер и поединец.

-Ние денес се соочуваме со акција за бесчувствително декомпонирање на македонскиот национален идентитет, кој се потпира врз мотивот за ширење на своите лукративни сфери на личното влијание на власта за сметка на колективниот интерес, на инфилтрација на личен интереси , наместо инвазија на знаење, на субверзија и одлоговлекување, наместо на избори на заплашување, наместо на слободен избор, на поклонување и наведнување на глава наместо на кажување на аргументи, на простодушност наместо разум, рече Мицкоски.

Говорејќи за уставните измени, Мицкоски меќу другото посочи дека наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа, порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен.

-Овие избори ќе бидат многу повеќе порака од народот до власта за скапиот живот, инфлацијата која е двоцифрена и највисока во Европа, за немањето на здравствен систем, за корупцијата по судовите, обвинителството, за врските-непотизмот, криминалните тендери. Ова ќе биде и порака на оние добри луѓе кои со месеци молат пред вратите на институциите и се уште го немаат лекот Трикафта. Овие избори ќе бидат и порака на младите на кои им ги одземаа сите шанси, порака на докторите, медицинскиот персонал кој го обезвреднија, на земјоделците чија мака е неплатена, на невработените, но и вработените со ниски плати, на родителите кои треперат за своите деца, на сите оние храбри луѓе кои пред налетот на тешкиот живот им удираат по достоинството, на успешните луѓе кои ги прават со сила да се чувствуваат губитници, на пензионерите со кои си поигруваат, порака на сите нив нив на кои треба да им кажеме готово е, доаѓа крајот, истакна Мицкоски.

На трибината што се одржа на Летната сцена на Опера и балет говореа и Ламбе Арнаудов, поранешен пратеник во македонскиот Парламент, Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и Борис Шамбевски, претседател на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на вечерашната трибина рече дека сѐ додека постојат луѓе кои сакаат да ја видат Македонија напред и да прават добро за државата тоа е најдоброто нешто за државата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски истакна дека и покрај сите опструкции кои се случија во изминативе неколку години, ВМРО-ДПМНЕ успеа да помине низ внатрешна катарза и да определи нови правци кои ќе дадат одговор на корупцијата и сите негативни појави кои во моментов се случуваат во Македонија.

Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ порача на сите, како што рече, „добронамерници“  да се приклучат на ВМРО-ДПМНЕ. – Следниот период е специфичен да го поддржат визионерството на ова раководство и Македонија како држава онака како што заслужуваме сите. Ние како раководство ги оставаме вратите отворени за секој член и поединец кој размислува како нас да влезе со нас и заеднички да ја градиме државата, рече тој.

Во воведниот дел на трибината се обратија градоначалниците Бобан Стефковски (Гази Баба) Орце Ѓорѓиевски (Кисела Вода) Дарко Костовски (Бутел), Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром и Ленче Нелоска, претседател на Совет на Ѓорче Петров зборуваа за реализираните проекти во општините.