Три претстави и промоција на книга на МОТ


Две гостински претстави, од Хрватска и Романија, и една домашна – на Прилепскиот театар, се на шестата фестивалска вечер на 44. Млад отворен театар, како и промоција на книга во придружната програма.

Од 18 часот на новата сцена на МОТ – Железничката зграда, ќе биде изведен перформансот „Сè е во парите“ на театарската платформа „Бацачи сјенки“ од Хрватска, во режија на Борис Бакал. Проектот се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна, од перспектива на лични наративи, реални финансиски примања, финансиските кризи, како и амбивалентната улога на парите во целокупната општествена размена.

Концептот на проектот е базиран на банкарско-финансиската „револуција“ на светскиот пазар, а во истражувачкиот процес се собираат сведоштва за лични искуства со пари. Во фокусот на истражувањето на претставата се земји како Хрватска, Италија, Словенија…

Од 20 часот на малата сцена на НОБ е романската претстава „Момчињата на Медеја“ на театарот „Аполо 111“ во режија на Андреи Мареји. „Момчињата на Медеја“ го илустрира режисерското прекршување на легендата на Аргонаутите и златното руно.

Претставата отвора дискусија за машката ранливост, мачоизмот, патријархатот и мизогонизмот, користејќи средства на иронија и хумор. Сцената е прикажана како морнарски бар и е „населена“ само со машки ликови. Овде некои Аргонаути се среќаваат за да го прослават своето големо животно искуство – митското патување на бродот „Арго“.

Во Младинскиот културен центар од 22.30 часот е третата претстава од денешната програма – „Арапска ноќ“ на Прилепскиот театар на режисерката Зоја Бузалковска, со настап во живо на групата „Фолтин“. Претставата е работена според драмскиот текст на Роланд Шимелфениг од 2001 година.

-Овој текст-партитура за пет ликови е игра на жанрови и стилови. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Елементите на трилер ја градат неизвесноста, а приказната, која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина, најавува МОТ.

Покрај трите претстави, денеска на МОТ (во МКЦ од 12 часот) ќе има и промоција на книга во придружната програма – „Анамнезис – дијалози за уметноста во јавен простор“ на хрватската авторка на Сандра Ускоковиќ, во која се обработени културни пракси и дела на уметници и колективи од хрватската уметничка сцена активна во изминатите 40-ина години.