Три опции по новата вонредна состојба

Различните позиции со кои и натаму настапуваат и членовите на ДИК, засега не претставуваат сигнал за можно доближување на позициите на партиите за новиот изборен датум

 

Три опции засега се во игра во однос на новиот датум за одржување на предвремените парламентарни избори, откако претседателот Стево Пендаровски одлучи уште еднашда ја продолжи вонредната состојба, овој пат за 14, а не за 30 дена, како што повторно бараше техничката влада на Оливер Спасовски.

Едната опција се наметнува сама по себе со одлуката на Пендаровски токму за две седмици да ја продолжи вонредната состојба. Тоа би значело избори на 21 јуни, зашто токму на тој датум во недела ќе истечат 22 дена од завршувањето на вонредната состојба.

Втората варијанта е нова одлука за вонредна состојба по 30 мај, што во овој момент не изгледа како многу веројатно сценарио, со оглед на изјавата на претседателот дека не двапати, туку трипати размислил пред да ја донесе третата одлука, посебно нагласувајќи дека таа не треба да се поврзува со изборите. Сепак, ако партиите, на пример, се согласат изборите да се одржат во последната недела од следниот месец, односно на 28 јуни, не е исклучено вонредната состојба да потрае дополнителни седум дена.

На крајот, останува отворена и можноста Владата да ја измени Уредбата за времено прекинување на изборните дејствија, со која, практично, е предвидено изборите да продолжат таму каде што застанаа и веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Оваа Уредба, што беше донесена два дена пред стартот на 20-дневната кампања, во средата беше потврдена од Уставниот суд, кој реши да не отвора постапка за оценување на нејзината уставност.

Но, иако одлуките на шефот на државата (за вонредната состојба) и на Уставниот суд (за Уредбата за изборите) на некој начин го исцртаа календарот за одржување на десеттите избори за пратеници, сѐ уште е неизвесно за кога ќе може да се закаже гласањето. Извесно е само дека веќе нема шанси за избори на 14 јуни, како што предлагаше лидерот на СДСМ Зоран Заев.

На новата лидерска средба, што треба да се одржи в понеделник, се очекува да биде појасно дали тоа што не се исполни желбата на Заев за избори во првата половина на јуни ќе доведе до одредена флексибилност кај лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, за прифаќање избори во втората половина на јуни. Различните позиции со кои и натаму настапуваат и членовите на ДИК, во зависност од тоа од која партија доаѓаат, и покрај тоа што испратија усогласено мислење кај Пендаровски за потребните рокови за завршување на изборните дејствија, засега не претставуваат сигнал за можно доближување на позициите на партиите.

Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, од една страна вели дека сѐ уште нема услови за изборна кампања, а од друга страна води кампања со која ги повикува граѓаните да летуваат во домашните туристички центри, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, и натаму стои на ставот дека избирачкиот список треба да помине низ истата процедура на прочистување, која заедно со изборната кампања трае педесетина дена. Од друга страна, во СДСМ се разгледуваат опции целата процедура за ажурирање на избирачкиот список да се одвива и за време на вонредната состојба или во текот на кампањата, како и да се скрати периодот за дополнителниот увид во избирачкиот список, со оглед на тоа што, главно, треба да се ажурираат податоците за новите избирачи кои ќе станат полнолетни до денот кога ќе се одржи гласањето.

ВМРО-ДПМНЕ од една страна инсистира дека сѐ уште не се создадени услови за одржување избори, а од друга, партијата е критична и кон одлуката за продолжување на вонредната состојба.

„Барањето на избори и лиферувањето на датуми од една страна и барањето за продолжување на вонредната состојба од друга страна е показател за конфузноста, но и доказ дека не можеме да имаме фер претставување на сите учесници во изборната трка во ситуација на криза. Токму затоа е важно дефинирање на датум, кој ќе произлезе откако претходно ќе се отстранат  опасностите по здравјето на луѓето, а според кој ДИК ќе може да ги планира активностите“, реагираа синоќа од ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти тоа, претседателот Пендаровски, во интервју на ТВ 24 рече дека евентуалното продолжување на вонредната состојба по 30 мај би зависело од здравствената ситуација. За изборите рече дека разликите се поголеми од еден месец. Пендаровски предупреди дека ќе биде проблем ако лидерите не постигнат договор за датум за парламентарните избори и ако се вратиме на политичка влада.

„Немаме Собрание, а тоа неверојатно ги компликува сите работи во правната сфера. Ако не продолжи вонредната состојба, бидејќи нема Собрание, Владата нема да може да врши плаќања за ублажување на економските штети од ковид-19“, рече Пендаровски. (Н.В.)