Три интервенции на кумановските пожарникари изминатово деноноќие


Кумановските пожарникари имале три интервенции во изминатото деноноќие. Горела шума над липковското село Руница, гаража во Куманово, како и покрив на семејна куќа во липковското село Лојане, соопштија денеска од РЦУК Куманово.

Повикувајќи се на известувањето на службеници од граничната полиција од Белановце, од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово информираат дека пожарот на стеблеста шума кај липковското планинско село Руница е локализиран. Пожарот се протегал на левата страна во потег од 500 метри од месноста „Мокро Поље“.

Кумановската противпожарна единица изминатово деноноќие интервенирала и на опожарена гаража на улицата „Егејска Македонија“ со тројца пожарникари и едно противпожарно возило.

Втората интервенција била на опожарена семејна куќа во липковското село Лојане во период од 13:30 до 16:10 часот. Горел покрив на куќата, при што е направена голема материјална штета. Пожарникарите интервенирале со два противпожарни возила.

За двата пожари на објектите, причините за избувнување на пожарите и висината на материјалната штета, допрва ќе се утврдува.