Три години без Балашевиќ- нашиот живот веќе не е ист
Три години без единствениот Ѓорѓе Балашевиќ кој почина на 67-годишна возраст на 19 февруари 2021 година, од последици на коронавирусот на Инфективната клиника во Нови Сад.
На интернет масовно се споделуваат неговите песни, стихови и цитати. Еден од најпопуларните цитати е пораката што ја напишал Балашевиќ како средношколец во втора година.
„Ќе се родам повторно. Не сум јас од оние што умираат еднаш засекогаш“ – напишал тогаш 16-годишниот Ѓорѓе Балашевиќ ученик во средното училиште „Светозар Марковиќ“ во Нови Сад.
Концертот на Балашевиќ во мај 2018, последниот во Скопје, беше концерт ко концерт, што да се раскажува…Парада на добро расположение, многу пиво и познати лица во публика. Песните ни по 40 години не избледнуваат, убавите ги потиснуваат неубавите спомени од животот, ама порачувате пијачка, и така тоа почнува, па пристигате кај сватовите на бившите девојки, што да ви кажам сите вистински љубови и концерти на Џоле се тажни…
И по четврти пат во Скопје, на концертите на нашиот омилен кантавтор, се мешаа радоста, среќата, шегата и сериозната политика, животот е еден момент циркус, еднаш звучи во д-мол, некогаш ви заличува дека сѐ отишло во Хондурас, а некогаш стигнувате до дното …
… Таа беше убава ама сиромашна, да знаеше ќе ја земеше… Сакаш еднаш во животот, богата или сиромашна, тоа не го избира паметот туку срцето … Никому не му зборувате за тоа, брзо доаѓа тој бран и знаете дека ќе потонете. Спас ви носат Циганите и тамбурашите, тие имаат срце, за секој од нив, баш им е гајле за вас, тие прашуваат што да свираат…Тој сѐ имаше, всушност ништо немаше… Во војска стекнувавте пријател до гроб, и хронично запалење на зглобови. Сувенир на стражарските денови… Сите, и старите и новите генерации, во животот имаме по дел од приказната за Васо Ладачки…
Секогаш ќе го сакаме и ќе се сеќаваме на Џоле. Тој е легенда за неколку животи. Колку да се чувствуваме поубаво.