Три авиони на ДЗС, пожарникари и екипи на „Национални шуми“ го гаснат пожарот на Китка
Продолжува и денеска интензивната интервенција за ставање под контрола на пожарите во селата од областа Каршијак, при што на терен се ангажирани сите расположливи државни ресурси.
Во гаснењето се вклучени три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и тимови на „Национални шуми“.
Исто така, директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со надлежните служби и екипи е на терен, каде ја следи и координира состојбата.
Главен приоритет е заштитата на планината Китка и спречувањето на натамошното ширење на огнената линија кон населените места.
Од ЦУК информираат дека во моментов нема опасност за селото Палиград, ниту за останатите населени места во областа Каршијак.