Тренд е да растат цените на житото, вели министерот за земјоделство Хоџа

Производителите на пченица ќе бидат заштитени во однос на цената, дециден е министерот за земјоделство Аријанит Хоџа
БИТОЛА – Цените на житото на берзите на светско и регионално ниво растат и тоа треба да биде тренд и овде, рече министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, кој денеска присуствуваше на првиот откос на житото на парцелите на ЗК „Пелагонија Битола“ во Новачко Поле.
На новинарско прашање дали производителите на пченица ќе бидат заштитени во однос на цената, министерот за земјоделие Хоџа рече – апсолутно да, но не се впушти во лицитација со цени.
„Јас ќе бидам во постојана комуникација, како што сум со другите потсекторски групи цело време и мислам ќе успееме да обезбедиме добар однос меѓу производителите и откупувачите. Не би можел да кажувам цена, бидејќи тоа е работа на договор, слобода на пазарот, но верувам дека ќе има задоволителна цена од двете страни“, рече Хоџа.
За следната недела најави состанок со производителите и откупувачите на жито.
„Цените на житото на берзата на светско и регионално ниво растат, тоа и тука треба да биде тренд. И овде производителите да ги добијат тие и слични цени. Што и да преземаме ние како држава и Министерство во делот на субвенционирање, тоа не треба да се сфати за намалување на цената од страна на мелничарите кон земјоделците. Треба да бидеме што поконкурентни на пазарот во регионот, но и пошироко, но нема да дозволам за било која субвенција што ќе се дава во државата тоа индиректно да се рефлектира во намалување на цената на житото, посебно на пченицата“, порача министерот Хоџа.
Тој вели дека годинава податоците се охрабрувачки, позитивни и мотивирачки, бидејќи имаме за 7 проценти повеќе површини под житни култури, за разлика од 2020 година.
„Знаеме дека сѐ уште минуваме во една глобална криза, но јас сум повеќе од оптимист, бидејќи се покажа потребата од храна. Ова година ќе биде плодна година, ќе има и добри цени во делот на откупот, секако и добри договорни односи меѓу самите производители и откупувачите“, рече министерот. (А.Б.)