Трансформаторската станица Битола 2 со нов трансформатор за стабилна енергетска мрежа


Во Трансформаторската станица ТС-Битола 2 пристигна 400/110 киловолтен трансформатор со што ќе се стабилизира преносниот систем и ќе се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија во југозападниот регион, информираат од АД МЕПСО.

Со новиот трансформатор, како што велат, ќе се намали притисокот врз мрежата, ќе се подобри системската сигурност за реоните на Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп и ќе се  обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија за време на зимската сезона.

-По дефектот на двата 400/110 киловолтни трансформатори во ТС Битола 2, кои се случија во јануари и јули 2024 година, новиот менаџмент на МЕПСО се соочи со голем ризик за енергетската стабилност во југозападниот регион. Договорот за набавка на трансформаторот е потпишан на 4 август 2023 година и досега не се реализирал со што била влошена состојбата на електроенергетската мрежа. Трансформаторот, првично наменет за ТС Дуброво, беше пренаменет за ТС Битола 2 заради итните потреби на регионот. Тимовите на МЕПСО работеа неуморно за да го управуваат сложениот транспорт на овој голем и критичен енергетски уред, кој сега е безбедно сместен во ТС Битола 2 и подготвен за монтажа, велат од АД МЕПСО.

Нагласуваат дека со монтажата на новиот трансформатор во ТС Битола 2 ќе се стабилизира енергетската мрежа во Југозападна Македонија и значително ќе се намали ризикот од прекини во снабдувањето за време на критичните зимски месеци.