Трамвај излета од шините во Милано. Пешак и бездомник загинаа, речиси 40 повредени
Во тешка трамвајска несреќа во Милано загинаа двајца, а 39 други се повредени, некои сериозно. Несреќата се случила околу 16 часот денес кога трамвајот излетал од шините на Виа Виторио Венето на северот од градот, јавува Би-Би-Си.
Бездомникот, чиј идентитет сè уште не е утврден, е вториот човек кој починал. Смртта на 60-годишен маж беше претходно потврдена.
Ова го соопшти обвинителот Марчело Виола, кој беше на местото на настанот со дежурната обвинителка Елиса Каландучи.
„Тоа беше катастрофален удар“, коментираше Виола.
Трамвај се удри во зграда
Според првичните извештаи, преполниот трамвај се удри во страната на зграда. Се верува дека починатиот е пешак, додека повеќето од повредените се патници во возила. Бројни служби за итни случаи пристигнале на местото на настанот, а има и извештаи за луѓе заробени во урнатините. Службениците за цивилна заштита поставиле шатор за да им пружат помош на повредените.
Сведоци: „Мислев дека е земјотрес“
Патниците опишаа дека слушнале бучава под трамвајот непосредно пред несреќата, по што возилото скршнало, забрзало и се удрило во зграда.
„Мислев дека е земјотрес. Седев и одеднаш паднав на подот, како и другите патници“, изјави еден маж за новинската агенција Анса. „Беше ужасно“.
„Само што слушнав ужасен тресок“, изјави 27-годишната Ана за АФП од блиската канцеларија. „Видов дел од трамвајот како влегува во продавницата“.
Причината за несреќата сè уште не е позната
Сè уште не е јасно што предизвикало трамвајот да излезе од шините, но медиумите шпекулираа дека возилото можеби пребрзо се движело во остра кривина. На местото на настанот пристигнаа и градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, и други градски службеници.