Трамп загуби 2,4 милијарди долари откако потона вредноста на неговата социјална мрежа


Вредноста на акциите на социјалните мрежи на поранешниот претседател Доналд Трамп паѓаат непосредно пред изборите, намалувајќи ја значајно неговата нето вредност.

По апсурдниот скок во изминатите пет недели, кој целосно се засноваше на перцепираните изгледи за реизбор на Трамп – и без никаква врска со вистинскиот бизнис на компанијата – акциите на социјалните мрежи на Трамп паднаа. Сега изгубија околу 41% од вредноста за само три дена.

Цената на акцијата Trump Media & Technology Group која е сопственик на Truth Social, падна за уште 9% во петокот, откако падна за 12% во четвртокот и 22% во средата – најлошата еднодневна загуба на Trump Media откако излезе на берзата во март.

По затворањето на берзата во вторникот, акциите беа по цена од 51 долар, вреднувајќи го доминантниот удел на Трамп во компанијата на околу 5,9 милијарди долари. Во петокот, вредноста на акциите на Трамп падна на 3,5 милијарди долари. Тоа значи дека Трамп загуби 2,4 милијарди долари од нето богатство од вторникот.

Акциите на Трамп Медиа, кои се тргуваат под ознаката „DJT“, станаа показател за очекувањата на трговците за исходот на претседателските избори. Пазарите последниве денови се придвижија кон проектирање дека потпретседателката Камала Харис ќе победи на изборите, иако анкетите јасно покажуваат дека изборите се без јасен фаворит.

„Акциите на т.н. меми, од кои една е и DJT, се многу подложни на импулсивни поместувања“, вели Стив Сосник, главен стратег во Interactive Brokers, кој забележа јасна „промена на вибрациите“ на пазарите за предвидувања во последните денови. „Минатонеделниот скок на пазарите беше благодет за DJT; обратно, оддалечувањето ќе и наштети на акциите“.

Основите на компанијата немаат никаква врска со тоа зошто се тргува со акциите. Trump Media не објавија некоја голема вест што би го објаснила падот.

„Запомнете, таа акција е во основа бинарен изборен облог“, рече Сосник. „Ако победи, тогаш постои можност да се зголеми неговата вредност. Ако изгуби, таа се враќа во едвај профитабилна компанија со слаби приходи“.

Акциите на Trump Media беа извонредно нестабилни цела година. Но, помеѓу 23 септември и ѕвоното за затворање во вторник, вредноста на Trump Media се зголеми за четири пати.

Огромните добивки ја зголемија вредноста на Trump Media на 10,3 милијарди долари до затворањето во вторник. Тоа значи дека накратко вредеше повеќе од имплицираната вредност на X, социјалната мрежа во сопственост на Илон Маск, порано позната како Твитер.

Тоа е и покрај фактот дека X има околу 70 милиони месечни активни американски корисници на iOS и Android, според податоците од Similarweb споделени со Си-Ен-Ен. Тоа е приближно 100 пати повеќе од 698.000 месечни активни корисници на Truth Social во САД.

Дури и Threads, релативно новиот X конкурент на Мета, има околу 20 пати поголема корисничка база од Truth Social, според Similarweb.

Основите на Trump Media остануваат многу скромни за компанија која сè уште се проценува на околу 6 милијарди долари. За контекст, сопственикот на CBS, Парамаунт Глобал, компанија која Trump Media неодамна ја надмина по пазарна вредност, до сега оваа година донесе повеќе од 14 милијарди долари приход.

Но, Trump Media генерира само 1,6 милиони долари приход оваа година.

Џорџ Каилас, извршен директор на Prospero.ai, истражувачка платформа која им помага на трговците да соберат пазарна интелигенција, во петокот за Си-Ен-Ен изјави дека не е изненаден од ненадејната промена на моментумот за Trump Media, бидејќи тоа се случува со меме акциите.

„Тоа е како игра на музички столчиња. Сите се среќни кога музиката свири и акциите се зголемуваат“, рече Каилас. „Но, бидејќи не се заснова на никаков вид добра опиплива вредност, кога ќе престане, сите се во паника… и дното испаѓа“.