Трамп потпиша указ за создавање на суверен фонд за благосостојба на САД


Претседателот на САД Доналд Трамп потпиша указ со кој наложи Министерството за финансии и Министерството за трговија во наредните 90 денови да изготват план за создавање на суверен фонд за благосостојба на САД.

-Политика на Соединетите Држави е да се максимизира управувањето со националното богатство исклучиво во полза на американските граѓани. Во таа насока, од интерес на американскиот народ е федералната влада да воспостави суверен фонд со цел да ја поттикне фискалната одржливост, да го намали даночниот товар врз американските семејства и малите бизниси, да обезбеди економска сигурност за идните генерации и да го унапреди економското и стратешкото лидерство на Соединетите Држави на меѓународно ниво, се вели во синоќешното соопштение од Белата куќа.

Деталите за тоа како точно ќе функционира и ќе се финансира фондот сè уште не се познати, но Трамп претходно изјави дека може да се прави преку „царини и други разумни механизми“.