Трамп по критиките од епидемиологот Фаучи: „Време е за отказ“

Американскиот претседател Доналд Трамп на Велигден јавно ја изрази својата фрустрација заради последната изјава на главниот експерт за заразни болести Ентони Фаучи, откако епидемиологот кажа дека многу повеќе животи ќе беа спасени од корона вирусот доколку земјата порано се затвореше.
Трамп ја ретвитна пораката „време е за отказ” и ги отфрли критиките поради бавниот иницијален одговор на пандемијата, која досега во САД уби повеќе од 22.079 лица и зарази 557.300 Американци, пренесе „Њујорк тајмс“.
Претседателот Трамп често пати не е задоволен од изјавите на Фаучи, но тоа вчера го покажа најексплицитно во пораката на Твитер што им ја ретвитна на своите 76 милиони следбеници.
Во Твитер пораката на поранешната републиканска кандидатка за Конгресот, Деана Лорејн, пишува „Фаучи сега зборува дека Трамп можел да спаси повеќе животи доколку порано ги послушаше медицинските стручњаци, а тој истиот Фаучи на 29 февруари на луѓето им зборуваше дека не треба да се загрижени од корона вирусот“. Покрај пораката таа напиша „Отказ Фаучи“.