Трамп и Путин: Русија паузира 30 дена со напади на инфраструктура во Украина – се огласи Зеленски

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин и американксиот претседател Доналд Трамп изразиле заеднички интерес за „нормализација на односите“ меѓу САД и Русија, а договорена е и размена на 175 заробеници меѓу Москва и Киев. Москва се согласила и да предаде 23 тешко ранети украински војници.
Кремљ напоменува дека „клучен услов“ за спречување понатамошна ескалација на конфликтот е „целосен прекин“ на странската воена помош и размената на разузнавачки податоци со Украина. Во текстот на Кремљ е наведено и дека Путин „конструктивно одговорил“ на предлогот за прекин на огнот на море и дека се очекуваат понатамошни преговори за тоа прашање.
Од Белата куќа објавија дека „лидерите се сложија движењето кон мир да почне со прекин на нападите на енергетската инфраструктура, како и со технички преговори за спроведување на поморското примирје во Црно Море, целосно примирје и траен мир“.
Овие преговори би требало да почнат веднаш, и тоа на Блискиот Исток. „Лидерите прилично зборуваа за Блискиот Исток како регион на потенцијална соработка за спречување идни конфликти. Понатаму зборуваа за потребата за сопирање на ширењето на стратегиското оружје и да соработуваат со други за да обезбедат најширока можна примена“, додава Белата куќа.
„Двајцата лидери се сложија дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија има голема предност. Тоа вклучува големи економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мир“, се наведува во соопштението.
Зеленски се огласи по разговорите Путин-Трамп: „Понатамошните разговори без Киев нема да донесат резултати“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева оти американскиот претседател Доналд Трамп ќе го информира за деталите од неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин, но додаде дека го поддржува предлогот за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура на Украина на 30 дена. Тој рече дека Украина ќе ги поддржи сите идеи кои водат кон стабилен и праведен мир, но дека безусловен прекин на огнот ќе биде подобар чекор напред.
Зеленски, сепак, рече дека идните разговори за Украина без Киев на маса нема да дадат резултати.
Зборувајќи за руската понуда за ослободување на 23 тешко ранети украински војници, тој рече дека ослободувањето на сите затвореници ќе биде вистинскиот начин Русија да покаже дека е сериозна за мировните преговори.
Како одговор на барањето на Путин да ја прекине целата странска воена помош и размена на разузнавачки информации, Зеленски рече дека сојузниците на Украина никогаш нема да се согласат на таков потег и дека се надева дека испораките ќе продолжат.
Зеленски додаде дека ова барање е „едноставно Путин се обидува да ја ослабне Украина“. Украинскиот лидер исто така рече дека неговите сили оцениле дека Русија подготвува нови офанзиви во неколку региони – имено Суми, Харков и Запорожје – во обид да го зголемат притисокот врз Киев.