Трамп ги праша донаторите кого сакаат за кандидат за 2028 година. Им понуди две имиња
Марко Рубиопоследниве месеци избива во прв план покрај Трамп, додека потпретседателот Венс е потивок
Американскиот претседател Доналд Трамп во раните утрински часови на 28 февруари му се придружи на Израел во лансирањето воздушни напади врз Иран што одекнаа низ целиот Блиски Исток. Истата вечер во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида, тој се дружеше со претставници на администрацијата и донатори, каде што отворено зборуваше за иднината на Републиканската партија: „Марко или Џ.Д.?“
Според луѓето што присуствуваа на настанот, Трамп праша група од околу 25 донатори, меѓу кои беа и сопственикот на НФЛ тимот „Њу Ингланд Патриотс“, Роберт Крафт, и милијардерот Рик Џексон, кого треба да поддржат како републикански претседателски кандидат во 2028 година.
Поголемиот дел од присутните одговорија со гласно одобрување за американскиот државен секретар Марко Рубио, пишува NBC News.
„Речиси сите беа за Марко“, рече еден од учесниците. Друг потврди дека барем таа вечер било „сосема јасно“, додека трето лице тврдеше дека расположението е сè уште „порамномерно поделено“ помеѓу Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс.
Трамп сака да има голема улога во изборот на наследник
Неформалната „анкета“ на донатори не мора да значи дека Рубио станал фаворит за републиканската номинација во 2028 година. Еден поранешен функционер од администрацијата на Трамп рече дека кругот на донатори во Мар-а-Лаго традиционално повеќе го поддржувал Рубио отколку Венс.
„Луѓето од Мар-а-Лаго никогаш не биле луѓе на Џ.Д. Тие лобирале Трамп да го избере Марк уште порано“, рече поранешниот функционер, додавајќи дека во пошироките партиски анкети, Венс сè уште би можел да има голема предност.
Трамп претходно ги прашал луѓето околу него за тоа како Републиканската партија треба да се позиционира во трката за негов наследник. Ова сугерира дека тој планира да игра голема улога во изборот на идниот републикански кандидат.
„Претседателот собра исклучително успешен тим кој постигна невидени резултати за нешто повеќе од една година“, рече портпаролот на Белата куќа, Стивен Чунг, додавајќи дека „медиумските шпекулации за Венс и Рубио нема да го одвлечат вниманието на администрацијата“.
Венс останува фаворит во анкетите
Со месеци, потпретседателот Џ.Д. Венс се сметаше за фаворит за номинацијата на Републиканците во 2028 година, како што потврдуваат анкетите. Според анкетата на NBC News, 77% од гласачите на Републиканската партија имаат позитивно мислење за Венс, додека Рубио е на 66%.
Во август, Трамп изјави за Фокс њуз дека Венс е „најверојатниот наследник“ да го предводи движењето МАГА. Во исто време, тој го спомена и Рубио. „Како и да е, тој е потпретседател, но Марко е исто така некој што би можел да соработува со Џ.Д. во некоја форма“, забележа Трамп.
Во неодамнешно интервју, Трамп ги опиша двајцата политичари како многу интелигентни, додавајќи: „Би рекол дека едниот е малку подипломатски од другиот“.

Рубио сè повидлив во надворешната политика
Во последните недели, Трамп сè повеќе го фали Рубио, кој како државен секретар и советник за национална безбедност одигра истакната улога во кризите поврзани со Иран, Венецуела и потенцијално Куба.
На церемонијата во Белата куќа, Трамп рече: „Ви велам, Марко Рубио ќе биде запаметен како најголемиот министер за надворешни работи во историјата на нашата земја“.
Додека политичкиот профил на Рубио се зголеми во последните месеци, Венс е малку помалку видлив во јавноста.
Војната со Иран го става Венс во незгодна позиција
Рубио беше во импровизираниот „воен штаб“ во Мар-а-Лаго кога беа започнати нападите врз Иран, додека Венс беше во Вашингтон, каде што учествуваше на состаноците на Ситуациската соба.
Венс беше првиот член на администрацијата што ја бранеше војната против Иран на националната телевизија, но е познат и по своите критики за американското мешање во долготрајните странски конфликти. Според извори блиски до него, тој имал одредени резерви во врска со нападот врз Иран.
Кога стана јасно дека Трамп сепак ќе нареди воена акција, Венс наводно се залагал за брз удар за да се минимизираат жртвите и да се спречат протекувања.
„Нема шанси Доналд Трамп да дозволи Америка да биде вовлечена во повеќегодишна војна без јасна цел“, рече Венс во интервју за Фокс њуз.
Војната не е популарна кај гласачите
Војната против Иран во моментов не е особено популарна кај американските гласачи. Според анкетата на Ен-Би-Си , 54% од испитаниците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со политиката кон Иран, додека 41% ги поддржуваат неговите потези.
Меѓу републиканските гласачи, поделбата е помала. Дури 90% од оние кои се идентификуваат со движењето МАГА ги поддржуваат нападите врз Иран, додека меѓу републиканците надвор од тој круг, поддршката е 54%.
Рубио, исто така, предизвика контроверзии кога посочи дека САД се придружиле на нападите затоа што знаеле дека Израел ќе го нападне Иран во секој случај. Критичарите го протолкуваа ова како признание дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го натерал Трамп да преземе воена акција, што Трамп подоцна го негираше.
„На некој начин, ова е најлошото време за Рубио да добие толку многу внимание. Ако војната стане многу непопуларна, не е добро да се поврзува со одлуката“, нагласи еден поранешен функционер на администрацијата на Трамп.

Ривалство, засега, без отворен конфликт
И покрај потенцијалот за идно соперништво, Рубио и Венс имаат добри односи и често работат заедно. Венс минатата година изјави дека разговараат меѓусебно најмалку пет пати на ден „дури и во потивки денови“.
Рубио неодамна изјави дека се надева дека Венс еден ден ќе се кандидира за претседател. „Тој ми е близок пријател и се надевам дека ќе се кандидира, иако можеби е прерано да се зборува за тоа“, рече Рубио.
Трамп, во меѓувреме, навести дека веројатно ќе поддржи кандидат на републиканските прелиминарни избори.
Неговите долгогодишни советници велат дека тој често ги анкетира оние околу него за политички прашања и ги базира своите одлуки врз тие разговори. „Тоа е само Трамп. Тој го прави тоа цело време и честопати не значи ништо“, рече еден долгогодишен советник.
Сепак, според еден републикански сенатор, Трамп во последните месеци сè повеќе зборува за Рубио. „Трамп сега зборува повеќе за Марко отколку за Џ.Д. Мислам дека му се допаѓа. Се восхитува на неговата способност, сè додека Рубио не го предизвикува“, заклучи тој.