Трајко Славески ги брани премиерот и министрите – треба да патуваат со бизнис класа

Поранешниот министер вели дека ако државната делегација сака да оствари максимум од посетата треба да лета во комформиот дел на авионот


Фото: Б. Грданоски

 

Од владата молчат, но високиот партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, застана во одбрана на премиерот и тројцата министри што патувале во Вашингтон на самитот на НАТО со бизнис класа, како што објави СДСМ. За авионските билети само за нив четворица, без другите членови на делегацијата, наводно биле потрошени 20.000 евра.

Славески, како поранешен министер за финансии пред 17 години, вели дека патувањето со бизнис класа е потребно за оние што претставуваа држава или некоја голема компанија подобро да се подготват за состаноците што следат. Па дури и нешто да сработат во авионот додека летаат.

Обидувајќи се да ја карикира ситуацијата Славески на Икс пишува: „Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа. Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија. Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поевтино за македонските даночни обврзници“.

Тој уште додава: „За да можат нашите претставници да бидат продуктивни уште од првиот ден по пристигнувањето на крајната дестинација, неопходно е да патуваат со бизнис класа. Впрочем, овој оддел во авионите, каде што навистина се плаќа два до три пати повисока цена од економи класата, е наменет токму за таков тип клиентела која во ограничен временски период треба да оствари амбициозна агенда, во интерес на некоја компанија или државен интерес“.

Славески дели препораки како траат патувањата  во САД. „Не се тоа туристички патувања, затоа што обврските дома постојано притискаат. Вообичаено, за САД се лета од некој од поголемите западноевропски аеродроми, или од Истанбул. Се пристигнува истиот ден меѓу  15 и 16 часот по локално време на источниот брег – Њујорк или Вашингтон, што значи доцна навечер околу 22 часот по централноевропско (наше) време. По правило, првите средби, состаноци, конференции и сл. се закажани непосредно по слетувањето во периодот 17-18 часот по локално време. Од аеродромите ‘Кенеди’, ‘Далс’ или ‘Њуарк’ се оди директно на состанок… Се разбира, доколку сакаме нашите функционери да остварат максимум од секое патување надвор со прекуокеански лет ќе мора да се согласиме дека за тоа треба да им се обезбедат одредени погодности за време на службените патувања. Сето друго е гол популизам“, вели сегашниот претседавач на Советот на град Скопје.

Но Мицкоски и министрите не отидоа на состанок веднаш по пристигнувањето во Вашингтон. Владината делегација допатува во Вашингтон на 6 јули (сабота), а Мицкоски се јави со видео порака во неделата обраќајќи им се на граѓаните како на негови пријатели:

„Голем поздрав од Вашингтон. Следниве неколку дена во Вашингтон и во Њујорк ќе престојува владина делегација којашто ќе ја предводам јас, а во нејзин составен дел се и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана. Ќе бидеме дел од настанот кој што ќе прославува 75 години од постоењето на НАТО алијансата“.

Следниот ден, во понеделникот на 8 јули имаше владино соопштение за средбата на Мицкоски со делегацијата на ОМД и најава за инвестицијата на американската компанија „Вабтек“.

Можеби Славески како министер веднаш одел на состаноци штом ќе слетал во Вашингтон, но владината делегација по комфорното патување со бизнис класа имаше доволно време да се одмори.

Во октомври 2017 година јавноста речиси го „линчуваше“ тогашниот директор на Агенцијата за туризам, Александар Донев, кој на Светскиот саем за авантуристички патувања во Буенос Аирес, Аргентина, патуваше со бизнис класа. Тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше особено жестока во нападите барајќи оставка од Донев. Летот до Буенос Аирес траел 17 часа и Донев велеше дека морал веднаш да оди на состаноци. Оние што многу патувале преку Атлантикот, како Трајко Славески, тогаш немаа разбирање за причините зошто Донев летал со бизнис класа.

Владата на Зоран Заев под огромен притисок на јавноста, го разреши Александар Донев во јануари 2018. (Н.В.)