Трагедија во воден парк: Почина татко, а ќерката е во критична состојба, откако ветер ги фрлил 50 метри


Еден човек загина, а неговата ќерка тешко е повредена во шокантен инцидент во воден парк во Франција, кога конструкција на надувување летнала во воздух, по налет на силен ветер што ја отфрлил околу 50 метри.

Трагедијата се случи во водениот парк Wonderland во Сен-Максимин-Ла-Сен-Баум, во јужниот француски регион Вар, кога 35-годишен татко и неговото тригодишно дете се возеле на 15-метарски долга водна структура на еден од најголемите делови на паркот.

„Земјата на чудата“ неодамна повторно беше отворена, но областа е предмет на предупредувања за временски услови поради силните ветрови, при што еден налет ја подигна структурата од водата и насилно ја фрли преку паркот.

Жртвите летале околу 50 метри и доживеале застој во работата на срцето. Итните служби успеале да ги реанимираат таткото и ќерката и да ги префрлат во болница каде се сместени на интензивна нега. За жал, таткото од повредите починал во неделата вечерта, а девојчето се уште е во критична состојба.

По инцидентот, градоначалникот Ален Дечанис на социјалните мрежи објави дека го осудува недостатокот на безбедност во паркот и му оддаде почит на починатиот, пишува Дејли Мејл.

„Пожарникарите и другите спасувачи многу брзо пристигнаа на местото на настанот, но ситуацијата веќе беше критична кога двете жртви со хеликоптер беа префрлени во болница. Како може аква паркот кој требаше да донесе радост и среќа на децата, да се претвори во машина на смртта? Вечерва сакам да изразам најискрено сочувство до мајката која беше присутна на местото на настанот, која покажа исклучителна храброст и до сите членови на семејството. Сите мои мисли вечерва се со нив“, рече тој.

Тој нагласи дека за целиот случај е отворена истрага.