Тошо Филиповски: Златното време на македонските винили допрва доаѓа


Монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“, Прв том, во петок на 26 јули ќе биде промовирана на летната сцена зад Младинскиот културен центар. Станува збор за капитално дело во кое се опфатени 333 винилни изданија на околу 480 страници во боја, А4 формат. Автор на монографијата е Тошо Филиповски, кој зад себе го остави изданието и на првата „Македонска рок-енциклопедија“.
Промоцијата на монографијата ќе започне во 21:15 часот, но претходно ќе се случат и две помали промоции на компилациски плочи – 19:45 слушачка промоција на ЛП-компилација „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?“ – (Корпус деликти рекордс), 20:30 слушачка промоција на ЛП компилација „Има ли забава – Macedonian new wave 1981-1985“ – (Корпус деликти рекордс). А од 21:45 часот ќе се одржат неколку концерти, додека пак од полноќ проекција на филм. Промотори на монографијата се Бранка Костиќ-Марковиќ и Ѕвездан Георгиевски.

Доаѓа и првата монографија „Македонска дискографија – винили“. Опфатен е голем временски период од 1958 до 2019 година. Што сè ќе содржи ова капитално дело и колку ќе чини?
Во монографијата се опфатени изданија (винили) објавувани во споменатиов период, 333 посебни единици на број, на кои е забележана музика од македонски автори, музичари, изведувачи и продуценти кои според мене се дел од македонската музичка сцена. Жанровски, монографијата опфаќа речиси сè, со акцент на комплетно претставување на рок продукцијата (и сите потжанрови кои ги подразбираме), електронската сцена и делумно претставување на таа т. н. фестивалско-шлагерска сцена односно се обидов да го претставам оној корпус на изданија на кои е забележана парче музика која има некој повпечатлив грув. Останатото, повеќе или помалку класично фестивалско изразување, авторската современа класична музика ставена на винил и некои идни изданија од македонската сцена, ќе бидат опфатени со вториот том од оваа монографија, за неколку години.

Колку време беше потребно за да се соберат, проверат и да се подготват сите информации?
Времето што ќе се потроши да се подготви нешто слично, нешто во кое веруваш дека е потребно за подигнување на нивото на препознатливост на една сцена и нејзината продукција, во случајот на македонската сцена, е ирелевантна категорија, целосно неважно во споредба со она што како краен производ се добива. Впрочем, колку време потрошиле авторите за да ги создадат тие дела? Во една таква споредба сосема безначајно е моето време потрошено за да се документира нивниот огромен труд.

Станува збор за период од шест децении. Кој е златниот период на винилите во Македонија?
Златниот период допрва доаѓа. Сè повеќе бендови и продуценти се одлучуваат својот креативен труд да го забележат на винилен носач на звук.
Со текот на времето се менуваат и потребите и трендовите на носачи на звук.

Изминатава деценија многу повеќе се практикуваат и онлајн платформите за симнување музика… Ваш став за ова?
Ја почитувам секоја креација и секое настојување за трајно забележување на еден креативен процес. Но, сепак, ги преферирам физичките носачи на звук кои, по мене, овозможуваат еден подолг век на живот на секое односно дело. Винилот како еден од тие носачи на звук, пак, предничи во мојата перцепција за трајност на едно дело.
Сепак, последниве години повторно се враќаат винилите, можеби најмногу од колекционерски аспект, но што мислите, на што се должи таквиот тренд?
Не мислам дека тоа е тренд. Винилот само имаше свој пад во времето на подемот на цеде-индустријата. Сега повторно станува релевантен носач на звук, не само кај колекционерите.

Од сите информации што ги имате подготвено во монографијата, може ли да се издвојат некакви статистички податоци, на пример, кој артист издал најмногу винили, кои биле најпродавани и слични интересни податоци?
На самиот крај на монографијата изготвив еден сет на статистички податоци кои не се целосни, со оглед дека ова е само прв том, и кои ќе бидат порелевантни во моментот на изготвување и на вториот том. Но верувам дека ќе испровоцираат ситуации за кои ќе може да се дискутира и полемизира во иднина. Не би издвоил сега ниту еден податок… останува да се доразгледа самата монографија.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски