Тошковски: Со дозвола за оружје ќе се стекне само оној кој ги исполнува сите законски услови за тоа
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за дневникот на МРТ запрашан за присуството на нелегално оружје по улиците на Скопје и државата истакна дека полицијата е силно посветена за справување со овој проблем.
„Во текот само на 2024 година се запленети 104 парчиња оружје од страна на МВР, од кои девет автоматски пушки, 39 пиштоли, 35 ловни пушки итн. Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многу пати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите кои што го сториле убиството како примерот кај трговскиот центар Мавровка.“, истакна министерот Тошковски.
На прашањето дали може да се иницира акција за предавање на истото и да се засилат мерките за поседување на оружје кој треба да го има а кој не, министерот Тошковски потенцираше дека мора да се работи и дефинира кој се може да поседува оружје во нашата држава.
„Веќе работиме интензивно во насока на откривање како досега од страна на МВР се издавале дозволи за поседување на оружје. Секој еден граѓанин кој побарал дозвола, посебно ловџиите знаат дека се злоупотребувале овластувањата кои што ги дава законодавецот и интензивно работиме на утврдување како е дозволувано привилегирање на лице за добивање дозволи, да издаваат дозволи на лица кои што согласно закон не би смеело да им се издава. Ќе истражиме и ќе преземеме соодветни чекори. Над 5000 луѓе не можеле да се стекнат со дозволи иако ги исполнувале условите, а одреден број на луѓе кои никако не би смееле се стекнале со право на поседување оружје. Во иднина ќе утврдиме јасна и прецизна процедура како да се стекнат со оружје исклучиво граѓаните кои ги исполнуваат сите законски услови за тоа.“, дециден беше министерот Тошковски.