Тошковски се поистовети со МВР во расправата за интерпелацијата
Лидерот на Левица образложувајќи ја интерпелацијата соопшти многу детали за работата на Тошковски како министер и адвокат. Тој не одговори на ништо
Непотизам, богатење, судир на интереси, неспособност и партизација. Врз тие неколку премиси претседателот на Левица, Димитар Апасиев, го темелеше образложението на интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Неговиот говор беше жесток, но не навредувачки и конципиран на поинаков начин отколку во други случаи на интерпелација на министри.
Во одговорот Тошковски ја поистовети институцијата – МВР – со себеси, велејќи: „Удирајќи по мене удирате во институција којашто за првпат по 30 години покажа дека законот важи еднакво за сите и особено стигна до оние што мислеа дека се недопирливи, а тоа е поранешната власт на ДУИ и СДСМ, оние што грабаа и оставија пустош зад себе“.
Во своето обраќање Апасиев рече дека Тошковски е типичен пример за политички опортунизам и кадар изграден во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, чија кариера напредувала благодарение на партиски врски и влијанија.
Најострите критики беа насочени кон неговата адвокатска и бизнис кариера пред да стане министер. Според Апасиев, Тошковски бил фаворизиран адвокат на функционери и структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ, застапувајќи високи партиски функционери и лица обвинети во предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство. Тој го застапуваше и сопственикот на земјиштето до Собранието кое на многу контроверзен начин му беше дадено да кади катна гаража под самите прозорци на законодавниот дом. А сега со посебен закон ќе се наоционализира, а сопственикот ќе добие милионска отшетета.
Апасиев оцени дека Тошковски, кој повеќе од две години е на чело на Министерството за внатрешни работи, наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“ во која роднини и блиски лица добивале унапредувања и привилегии.
„Во СВР Велес првите братучеди си ги унапредивте, баџанакот стана доцент на Факултетот за безбедност, а најдобрите студенти остануваат без шанса. После се чудите зошто младите бегаат од државата“, рече Апасиев.
Лидерот на Левица отвори и прашања околу професионалната кариера и имотната состојба на министерот, посочувајќи дека Тошковски како адвокат бил поврзуван со контроверзни бизнисмени, градежни проекти и фирми кои работеле спротивно на законските ограничувања за адвокатската професија.
Апасиев изнесе податок дека министерот додека бил адвокат истовремено бил поврзан со консултантска фирма, што претставувало прекршување на Законот за адвокатура и адвокатскиот етички кодекс, а потоа ја префрлил сопственоста.
„Како може министер за ред и безбедност, џандарот над џандарите, фирмата да ја префрли токму на човек кој бил обвинет во случај за перење пари? Тоа отвора сериозни сомнежи за начинот на кој функционира човекот што денес ја води полицијата“, рече Апасиев.
Зборувајќи за трагедијата во Кочани, за која Апасиев оцени дека Тошковски не понел ниту морална, ниту политичка одговорност. Дурие не можел да стигне до нивото на поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, кој понуди оставка до тогашниот премиер Никола Груевски за загинувањето на бугарските туристи во Охрид, но му беше одбиена. За таква работа Точковски немаше храброст, нагласи Апасиев.
„По најголемата трагедија во Македонија во последните децении не видовме ниту оставка, ниту преземање одговорност. Цело време слушавме дека МВР не било виновно, а денес имаме осудени полицајци поврзани со случајот“, изјави тој.
Апасиев го обвини министерот и за толерирање на корупцијата и криминалот во полициските редови, посочувајќи дека во последните години стотици полицајци биле предмет на кривични постапки.
Апасиев го обвини министерот за селективна правда и различен пристап кон слични случаи. Како примери ги наведе реакциите на МВР во случајот со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, кога Тошковски во телевизиско интервју тврдеше дека таа, всушност, го нападнала насилникот кој беше поврзан со оние што градат дивоградби во Чаир. Тошковски не успеа да воспостави професионален систем во МВР и институцијата повторно е претворена во партиски инструмент, беше еден од заклучоците на Димитар Апасиев.

„Имате непотизам и кронизам, МВР си го претворивте во фамилијарна тезга. Што е целта на полицијата – заштита на правен поредок, спречување и казна, преземање мерки и одржување на јавен ред и мир, обезбедување на личности и објекти и заштита на живот, лична сигурност и имотот на граѓаните. Дури и приватниот имот вие сте должни да го штитите, а не приватниот. А, вие што правите, јавното им го давате на приватни агенции за обезбедување. Имаме 50-ина приватни агенции за обезбедување, од коишто пет хараат и над 300 милиони евра се дадени по приватни агенции и тие ни ги обезбедуваат и школите, и градинките, и факултетите и болниците и музиети и подрачни единици на министерствата, и патарините… па за кој ѓавол ни се полицајците, за да ги нема нигде“, рече Апасиев, посочувајќи дека имаме 560 полијаци на 100 илјади жители, додека европскиот просек е 340 полицајци.
Во одговорот на интерепелацијата на Панче Тошковски особено му пречело што Апасиев зборувал против сограѓанин (двајцата се велешани) и рече дека лидерот на Левица трошел голема енергија затоа што тој како министер ги менувал работите.
„Слушнав многу манипулации, лаги, клевети, нечовечки напади. За еден велешанец, навистина под секое ниво, но тоа е ваш избор и за тоа нека судат македонските граѓани“, рече тој и нагласи:
„Најбитно од сѐ, вас ве боли тоа што македонските граѓани конечно гледаат надеж дека во Македонија конечно нешто може да се смени на подобро“, рече Тошковски.
Тој рече дека ова била трета интерпелација за него во двете години, но образложението било контрадикторно. „Кога ќе се прочита интерпелацијата може да се заклучи дека напишанто и кажаното е контрадикторно само по себе. Зборувавте за сѐ, само не за тоа што јас го работам денеска и тоа за што треба да одговорам пред македонските граѓани – зборувавте за адвокатура, студии, членови на мое семејство, ама не кажавте ништо за она што се бројки и факти, македонска реалност, имплементирани проекти, чувство на безбедност кај македонските граѓани и се она што значи подобрување на животот на македонските граѓани“, изјави Тошковски.
Според него, интерпелацијата била политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот и корупцијата и ги наведе сите досега реализирани проекти. Тошковски рече дека Левица во пракса станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ.
Нападот врз него како министер тој го поистовети со напад на Министерството за надворешни работи.
„Удирајќи по мене удирате во институција којашто за првпат по 30 години покажа дека законот важи еднкаво за сите и особено стигна до оние што мислеа дека се недопирливи, а тоа е поранешната власт на ДУИ и СДСМ, оние што грабаа и оставија пустош зад себе… Затоа оваа интерпелација не ја доживувам како суд за мојата работа, туку како уште еден очаен обид за собирање на некој евтин политички поен“, порача Тошковски.
Неговиот одговор на интерепелацијата беше главно општ, надвор од фактите што ги презентираше за успешноста, со сиромашен јазик. И не одговори реќиси на ништо на она што го посочи Апасиев, осбено за консултатнтската фирма додека бил адвокат.