Тошковски: СДСМ да не ја користи трагедијата за собирање на политички поени


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој беше повикан од СДСМ да одговори како возачот кој ја прегази Фросина Кулакова добил мобилен телефон во затворот Шутка, во објава на Фејсбук побара од СДСМ да не ја користи трагедијата за да собира политички поени.

– Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда. Но, суштината не е во „незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа, пишува во објавата.

Социјалдемократскиот сојуз попладнево преку соопштение побара од министерот Тошковски да одговори кој му дозволил на момчето да има мобилен телефон.

– Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор? Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ?, прашаа од СДСМ.

Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов попладнево потврди дека е најден мобилен телефон кај момчето и најави дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот.

– Направен е претрес, одземен е тој телефон, а притоа одземени се и други телефони. Направени се претреси во повеќе ќелии и се прави истрага кој е тој полицаец кој го дал телефонот, иако мојот сомнеж е дека не е еден, туку повеќе кои го тераат тоа како бизнис. Како нова власт имаме фатено доста такви, но за жал, се уште има такви, изјави Пандов.

За утре во 17 часот е најавен нов протестен марш под мотото „Кој е следен“. Целта, како што наведуваат организаторите, е да се адресираат трите главни проблеми и тоа нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволната безбедност во градовите и глорификација на девијантното однесување.