Тошковски по три интерпелации на отчет: Македонија денес има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во својот двегодишен мандат досега, се соочи со три интепелации, сите неуспешни, денеска излезе на отчет за срадботеното, при што заклучи дека Македонија денес има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години.
– Бележиме намалување на вкупниот криминалитет. Постигната е вкупна ефикасност од 69 проценти, а значително е зголемен и бројот на откриени сторители. Овие резултати се потврда за посветената работа на полициските службеници, подобрената координација и навременото постапување на терен. Особено значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал. Сузбиени се над 30 организирани криминални групи, кои дејствувале во различни области – од недозволена трговија со дрога и корупција, до криумчарење мигранти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари, трговија со луѓе и други тешки облици на криминал. Зад овие бројки стојат пресечени криминални канали, спречени незаконски активности и испратена јасна порака дека никој не е над законот и дека институциите имаат капацитет да се справат со најсериозните безбедносни предизвици – рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во отчетот за сработеното во изминатите две години.
И во областа на корупцијата, напомена Тошковски, се постигнати значајни резултати. Бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период. Со овие постапувања беа прекинати незаконски практики и коруптивни активности во повеќе области од особено значење за граѓаните и државата.
Во однос на имотниот криминал, тешките кражби и обичните кражби се намалени за повеќе од 30 отсто, додека кај разбојништвата падот изнесува над 40 проценти.
„Кај насилниот криминал, бројот на извршени убиства е намален за 4 проценти. Особено е значајно што, покрај тековното постапување, Министерството успеа да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години“, подвлече министерот.
На полето на управните служби, Тошковски нагласи дека целосно е стабилизиран и предвидлив системот за издавање лични документи преку отворање нови канцеларии и дигитализација.
Како еден од најкрупните безбедносни проекти беше посочен „Безбеден град“, чија примена започна на 2 февруари 2026 година во Скопје, Тетово и Куманово.
„Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележан намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци“, изјави Тошковски.
Како клучна капитална инвестиција во човечкиот капитал, министерот го најави повторното активирање на Средното полициско училиште од 1 септември оваа година за 25-тата генерација ученици.
СДСМ: 2 години Тошковски- Распад на безбедносниот систем, партизација и заштита на криминалци
Две години на Тошковски во МВР донесоа целосен распад на безбедносниот систем, скандали, партизација на полицијата, неказнивост и заштита на криминалци, велат од опозициската СДСМ.
„Тошковски ветуваше правда, велеше „брат да ми е, ќе одговара“ ама денеска никој не одговара.
Криминалот и корупцијата цветаат во изминатите 2 години.
Нема одговорност за ниту еден криминален тендер, нема одговорност ниту за петте тони дрога кои поминаа преку македонската граница. А поминаа 6 месеци.
Во изминатите две години сведочевме на серија трагедии, убиства, вооружени пресметки, семејно и врсничко насилство, раст на трговијата со дрога и сериозно нарушена безбедност во државата.
Особено трагичен белег останува трагедијата во Кочани, во која згаснаа 63 човечки животи пред се млади. Наместо целосно расветлување и преземање одговорност, јавноста виде обиди за префрлање на вината и заштита на актуелни функционери.
Наместо професионален систем, Тошковски создаде партиска полиција во која искусни професионалци се деградираат, а подобни кадри се наградуваат.
Превенција нема. Одговорност нема.
Во Скопје беа убиени млада жена и дете и покрај повеќе од десет претходни пријави. МВР на Пенче било слепо и глуво. Во Велес жена лично му пријавувала на министерот. Исто во Велес беа убиени жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане сериски убиец со години убивал жени пред институциите да реагираат.
Семејното насилство стана секојдневие – договорност нема.
За Симе од сликите со Мицкоски кој пукаше до калашников одговорност исто така нема. За командант на Тигрите е поставен човек кој спречувал инспекциска акција и физички нападнал инспектори одговорност нема.
Луѓе од обезбедувањето на Мицкоски продавале службени информации за пари. Нема одговорност.
Другиот бодигард на Мицкоски добива условна казна за семејно насилство. Нема одговорност.
2 години МВР на Тошковски не гони криминал туку го штити криминалот на Власта.
Но, Тошковски останува на функцијата затоа што зад него стои Христијан Мицкоски кои се штитат меѓу себе.
Граѓаните на Македонија заслужуваат професионална полиција, функционален безбедносен систем и институции во кои законот важи еднакво за сите“, се вели во соопштението.