Тошковски ќе предложи измени на Законот за патни исправи – да важат додека се издадени
Сѐ уште неизбраниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, најавува дека нема да го применува Преспанскиот договор, односно дека ќе предложи измени во Законот за патни исправи со кои практично пасошите ќе важат по договорениот рок со Грција, и уште повеќе – сѐ дотогаш додека стои рок на нивно важење
Ова е чекор понапред и од иницијативата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до Уставниот суд, во време кога најголемиот дел од граѓаните имаат сменето патни исправи, што може да биде најава за уривање на договорот со Грција – или само за собирање изборни поени и продавање магла пред избори.
Како и да е, ова е преголема одлука за технички министер бидејќи има политички импликации, а ваквите потези веќе сериозно го покренаа алармот во Грција која пак веќе ги известила сите земји дека од средината на февруари важат само патните исправи со Северна Македонија. Со оглед на тоа дека станува збор за меѓународен договор, на нашите граѓани може да им се случи, ако нема дотогаш отстапка од Грција, да бидат враќани од границите во Европа и подалеку.
„МВР во наредниот период ќе даде максимум да обезбеди вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата од една страна, а од другата која е исто еднакво важно е да биде сервис на граѓаните. Ова кое го гледаме сите особено во делот на управните работи со ова срамно однесување на сите оние кои се на клучни позиции и имаат недостоинствено однесување во делот на издавање на лични документи“, рече Тошковски на денешната дебата на партијата „Важно е! Платформа за иднина“.
Тошковски укажа дека според негови информации целосно е невозможно да се задоволат потребите на граѓаните согласно сегашната законска регулатива посочувајќи на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд.
„Но, Уставниот суд функционира така како што функционира, па затоа еден од првите чекори ќе биде да предложам измени на Законот за патни исправи или да се пролонгира рокот на важење. Надвор од разумот е да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните. Тоа е единствено нешто кое суштински ќе го реши проблемот. Останува да видиме како ќе се однесува техничката влада и сите институции. Но, ги уверувам граѓаните дека ќе сторам сѐ процесот да е достоинствен во рамки на можностите. Секако нема да е како до сега, ќе биде многу поинаку“, заклучи Тошковски.