Топланите Исток и Запад ќе се тестираат на дизел гориво, ЕСМ ветува дека нема да има застој за парното во Скопје

Набавени се десетина пумпи за дизел гориво. ЕСМ го подготвува системот да биде функционален и за резервна варијанта, односно да може да работи доколку има прекин во испораките на гас или доколку гасот биде прескап


Фото: Б. Грданоски

 

Од средината на овој месец, АД ЕСМ ќе ги тестира двата капацитети за производство на топлинска енергија, топланите Исток и Запад со дизел гориво, наместо со природен гас. За време на овој тест период, скопјани и натаму редовно ќе имаат топли радијатори. Како што информираше денеска директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, тестирањето на топланите за работа на дизел се прави со цел да се има резервна варијанта доколку се случат непредвидени околности во испораката на природен гас, или доколку цената на гасот поскапи значително.

„Ние од 15 ноември ќе бидеме подготвени да направиме одреден тест период да се вклучат овие две топлани да работат на дизел гориво се со цел еднаш да го испробаме системот дали ќе може да работи со овој енергент“, велик Ковачевски.

Во минатото двете топлани работеа на мазут, но тој е еколошки повеќекратно понеподобен отколку дизел горивото и токму затоа по препорака на енергетичарите, ЕСМ набави десетина пумпи и подготвува системот да биде функционален и за втора резервна варијанта, односно да може да работи и со дизел гориво.

„Поволните временски услови во овој период и намалената потрошувачка на топлинска енергија, а исто така и на електрична енергија ни дозволува во овие услови да го направиме неопходните тестирања за да можеме да бидеме сигурни во подоцнежниот период на грејната сезона или во наредните грејни сезони дека во целост ќе можеме да ги задоволуваме потребите за топлинска енергија за Градот Скопје“, вели Ковачевски.

Тој уверува дека за време на тестирањето скопјани и натаму редовно и во целост ќе добиваат топлинска енергија.

„Кога функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО, од неа се добиваат околу 60 отсто од потребната топлинска енергија за топлификациониот систем во Скопје. Другите 40 отсто се обезбедуваат од топланите Исток и Запад. Токму затоа, поради поволните временски услови  се планира и тест период од 15 ноември за промена на енергентот, значи наместо гас да се употреби дизел гориво. Префрлувањето ќе биде не повеќе од 24 часа, но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без топлинска енергија“, вели Ковачевски.

Практично, преминот од гас на дизел гориво ќе се направи прво нa едната топлана која ќе работи на дизел гориво најмалку десетина дена, а потоа постапката ќе биде повторена и на другата топлана.

„Она што го планираат техничките лица е дека најмалку треба десет дена да работи една од топланите на дизел гориво за да може да следат параметрите и да се испита комплетно системот“, вели Ковачевски.

За таа цел се набавени и поставени десет најсовремени пумпи за дизел гориво во двете топлани. 

Во моментов се чисти системот кој претходно беше користен на мазут. Ковачевски вели дека техничките лица ќе соопштат колку дополнително, доколку има потреба, ќе треба да се осигура дека системot може да функционира и на дизел гориво. Заедно со чистење на системот оваа инвестиција чини 330 илјади евра.

„Напоменувам, најголем дел од топлинската енергија во континуитет ќе се добива од централата ТЕ- ТО , така што граѓаните на Скопје нема да останат без парно греење ниту ќе има намалена испорака на топлинска енергија“, вели Ковачевски.

„Ова се прави за граѓаните и ние како компанија да бидеме сигурни во наредниот период без оглед какви ќе се околностите во делот на испорака на природниот гас дека ќе имаме можност да дизелот како енергент се употреби за добивање топлинска енергија“, додава тој.

Поволноста е во тоа што државата располага зо значителни количества дизел, а овој енергент е полесно достапен за разлика од мазутот кој потешко се набавува, а покрај тоа и многу повеќе загадува. Пресметките покажуваат дека според цените кои годинава беа на пазарот, производството на топлинска енергија со дизле би било поевтино за 20 до 30 проценти во однос на гасот. Сепак, топланите и натаму ќе работат на природен гас заради тоа што тој помалку ја загадува животната средина. 

Инаку, како што посочи, АД ЕСМ ги има обезбедено потребните количества природен гас за топланите Исток и Запад и за Енергетика за периодот од 1 до 15 ноември и заедно со топлинската енергија која што треба да ја преземе од приватниот капацитет ТЕ – ТО во целост треба да се задоволат потребите за топлинска енергија за потрошувачите во Градот Скопје.

Во натамошниот период гасот ќе се обезбедува во континуитет, според условите на пазарот, а од Нова година ќе стапи во сила и договорот со Бугарија со кој овој енергент ќе може покрај да се добива и од други снабдувачи, освен од Гаспром, преку постојниот гасовод меѓу Македонија и Бугарија. (М.Ј.)