Тони Стојановски именуван за нов Претседател на УО на НЛБ Банка Скопје, на местото на Бранко Грегановиќ

Тони Стојановски е новиот директор на НЛБ банка АД Скопје, соопштија од банката преку известување до Македонскта берза. Тој на оваа позиција ќе го замени досегашниот директор Бранко Грегановиќ.
Во известувањето до берзата, од НЛБ посочуваат дека на 07.06.2024 година, Бранко Грегановиќ, поднесе оставка од функцијата Претседател на Управниот Одбор на НЛБ Банка АД Скопје.
Воедно, НЛБ Банка АД Скопје известува дека Надзорниот одбор на банката со одлука донесена на 131-вата седница, одржана на 10 Јуни 2024 година, го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор на банката, која одлука ќе влезе во сила по добивање на согласност од Гувернерот на Народната Банка на Република Северна Македонија.
До добивање на согласност од Гувернерот на НБ за именувањето на нов Претседател на Управен одбор на Банката, Грегановиќ ќе продолжи да ја извршува својата функција како Претседател на Управен Одбор на НЛБ Банка АД Скопје.
Тони Стојановски доаѓа од Стопанска банка Скопје каде до неодамна, 15 години беше член на Управниот одбор на Банката. Од 2020 година, Стојановски е Генерален директор за корпоративно банкарство, а во периодот помеѓу 2010 и 2020 година, тој беше и генерален директор за управување со ризици. Пред да се приклучи на менаџерскиот тим на Стопанска банка Скопје, Стојановски извршуваше високи раководни функции во Народната банка, вклучително и функцијата Генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност.
Стојановски извршува и други функции – Претседател на Управниот одбор на Македонска берза АД Скопје, Заменик претседател на Македонската банкарска асоцијација и Претседател на Надзорниот одбор на Стопанска Лизинг Скопје.
Тој е магистер на економски науки од областа на монетарната економија, сопруг и татко на две деца, посочуваат од НЛБ банка.
„Почестен сум од довербата да бидам именуван за Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Ја прифаќам оваа улога со благодарност и уште поголема одговорност. Посветеноста на тимот на Банката кон напорна работа и колективната посветеност за постигнување врвни резултати, доволно зборува за потенцијалот што оваа Банка го има за да ги постигне своите цели и да ја исполни својата мисија“.- истакнува Стојановски по денешната седница на Надзорниот одбор.
Бранко Грегановиќ ја извршува функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје од јануари 2022 година. Под раководство на Грегановиќ, НЛБ Банка Скопје постигнува одлични деловни резултати, а истовремено реализирани се и бројни општествено одговорни проекти со значајно влијание во заедницата, се вели во соопштението до медиумите.
По именувањето на новиот Претседател на УО на Банката, Бранко истакнува: „Промените се дел од процесот на развој и составен дел од растот на Банката. Драго ми е што можам да кажам дека НЛБ Банка Скопје е добро подготвена да се соочи со идните предизвици. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на Тони за именувањето и да му посакам многу деловни успеси и лично задоволство во новата улога.“
Претходно од Стопанска банка на 3 овој месец известија дека Стојановски поднесе оставка од функцијата член на Управен одбор и Генерален директор за корпоративно банкарство во банката.