Том Хенкс го гледал филмот „2001: Одисеја во вселената“ дури 120 пати
Том Хенкс во интервју за „Collider“ откри дека гледал еден филм дури 120 пати. Том Хенкс го сподели своето „воодушевување од ремек-делото“ истакнувајќи дека го гледал „околу 120 пати, или нешто слично“. Станува збор за филмот „2001: Одисеја во вселената“.
Тој филм од 1968 година засекогаш го промени односот кон жанрот научна фантастика, кој во тоа време сè уште се доживуваше како нешто несериозно, форма која најдобро постоеше во сферата на Б филмовите.
„2001: Одисеја во вселената“ е заснован на книгата на Артур Кларк и се занимава со темата на вештачката интелигенција, влијанието на вонземјаните врз животот на Земјата и човечката еволуција.
Научно-фантастичната класика на Стенли Кјубрик е многу помалку лесна за гледање од повеќето проекти на Хенкс. Објавен во 1968 година, филмот прикажуваше некои особено напредни специјални ефекти во обид да го прикаже истражувањето на вселената на екранот.
Личните потфати на Хенкс во научно-фантастичниот свет останаа прилично ограничени и покрај неговата љубов кон споменатиот филм. Тој се зафати со светот на вселенското истражување на екранот, глумејќи во филмот на Рон Хауард од 1995 година, „Аполо 13“, но филмот беше многу повеќе втемелен во реалноста од оној на Кјубрик. Наместо да навлегува во вонземски живот, тој следеше обиди од реалниот живот да истражува други светови.