Лепа Брена се враќа во Скопје: „Некои песни никогаш не стареат, тие стануваат дел од нашите животи“
Со препознатливата харизма, насмевка и отменост , балканската музичка ѕвезда Лепа Брена денеска одржа прес-конференција во Скопје, по повод престојниот концерт на 18 декември, во организација на Тара продукција, во арената „Борис Трајковски“ , на кој повторно, по девет години, повторно ќе се сретне со овдешната публика. Во хотелот „Мериот“ направи хаос меѓу гостите и медиумите затоа што и на 66 години, што и да направи, претвара во злато- од музика, песни, мода, а пред три години и со хулахопките.
Нејзиното враќање пред скопската публика е музички настан што буди носталгија, емоции и сеќавања на едно време во кое нејзините песни беа неизбежен дел од љубовите и животните приказни на цели генерации.

Брена е многу повеќе од ѕвезда. Таа е феномен на балканската популарна култура, жена која со децении ја одржува својата препознатливост, сценска енергија и непосредност со публиката.
Концертот во Скопје се најавува како музички спектакл по светски стандарди и со гости кои се чуваат во тајност, со нејзините безвременски хитови, песни што публиката ги знае напамет и што и денес предизвикуваат иста возбуда како во времето кога прв пат беа објавени.

Едно е сигурно – кога во „Борис Трајковски“ ќе прозвучат првите акорди на „Југословенка“, „Миле воли диско“ , „Чачак, чачак“, „Ситније Циле, ситније“, „Хајде да се волимо“…, Скопје ќе запее во еден глас.

Балканскиот феномен, денес, во друштво на нејзиниот помал син Виктор, кој е нејзин приватен продуцент, стрпливо одговараше на прашањата на медиумите, за концертот, за нејзините песни, за тоа како денес се сеќава на Скопје по нејзиниот престој за време на војната во бивша ЈУ и санкциите против Србија, за нејзиниот изглед кој се должи на исхрана без шеќери и јагленохидрати, но и секојдневно вежбање заради мир во умот… Нејзините одговори наликуваа на мотивациски говори, со страст за сѐ тоа што го работи, мисли и го посакува за себе и за својата ценета публика. Ни посака среќна нова 2027, по мирна, постабилна и со здравје на сите, и убав провод на концертот на 18 декември. (Л.С.)