„Тој порасна на гурабии и кекси“: Ахмети му возврати на Мицкоски


 

По постојаните напади на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва лидерот на ДУИ од митингот на главниот плоштад во Скопје му порача да внимава што зборува. И дека бил пораснат на гурабии и кекси.

Како што јави ТВ 21 Ахмети му возвратил на Мицкоски со овие зборови:

„Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со кекси. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“, рече Ахмети.

На собирот се обрати и претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“, Бујар Османи, кој порача дека постојат реални шанси да помине во вториот круг како кандидат Албанец. Тоа било реално затоа што тој е кандидат на девет политички партии и четири заедници, кои вкупно сочинуваат 47 отсто од населението во Македонија, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми.

„Ве замолувам да се мобилизирате, да овозможите да се пробие оваа бариера, бидејќи се создава еуфорија. Затоа ве повикуваме луѓе, за да ја оствариме оваа историска победа, да одиме во вториот круг“, рече Османи.

Тој рече дека настаните од 27 април се последица на изборот на Албанец за претседател на Собранието, Талат Џафери. Османи нагласи сѐ уште се свежи настаните од 27 април, истакнувајќи ги како едни од најстрашните во историјата на земјава.

„Пред седум години, речиси точно на денешен ден, некаде на стотици метри од ова место, таму во Собранието се случија најстрашните настани од поновата историја на нашата држава. Се сеќавате на настаните од 27 април, пред нас сѐ уште се крвавите слики на нашите пратеници. Која беше причината? Дека Талат Џафери стана претседател на Собранието. Што беше проблемот? Само тоа што бил Албанец и ништо друго. Сѐ уште се сеќавам на сликите на Зиадин Села кој тој ден за малку ќе го загубеше животот“, рече Османи