Тодевски ги раскина договорите за закуп на Еуростандард банка, имотот и документацијата заштитени

Стечајниот управник на Еуростандард банка, Душко Тодевски, соопшти дека се раскинати сите договори за закуп на деловен простор, во кои биле експозитурите на  банката, како и дека целиот имот и документација се заштитени и се на сигурно.
„Известувам дека од сите експозитури на Еуростандард банка кои биле во деловен простор којшто не бил во сопственост на Банката, од моја страна, односно од страна на овластени лица се прибрани и заштитени севкупната опрема и мебелот, коишто се дел од имотот на Банката. Истовремено, прибрана и заштитена е и севкупната документација од овие експозитури. Ваквата активност е спроведена затоа што веќе се раскинати договорите за закуп на деловен простор“, вели Тодевски.
Со ова максимално се избегнуваат непродуктивни трошоци во текот на стечајната постапка и дополнително се заштитува стечајната маса, во функција на исплата на побарувањата на доверителите, нагласува Тодевски во соопштението до медиумите.