Тимотеј се огради од изјавата на Агатангел


Портпаролот на Синодот на МПЦ – ОА, владиката Тимотеј, во изјава за „Слободен печат“ се дистанцира од изјавата на владиката Агатангел, кој вчера по повод празниот Свети Трифун испрати политичка порака, дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и оти верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално.

Владиката Тимотеј вели дека личниот став на владиката Агатангел не е став на МПЦ -ОА.

„Тоа е личен став на владиката. Не можам да предвидам дали и што ќе преземе Синодот за изјавата на владиката, не сум гатач. Но, со тоа што велам дека станува збор за лични мислења, значи дека Синодот се дистанцира од неговата изјава. МПЦ е национална, божествена и човечка црква која ги обединува и не ги дели луѓето. Ние не можеме да бидеме поддржувачи на ниедна партија“, изјави владиката Тимотеј.