Тимчо Муцунски вели дека министри финансирале проруски медиуми


 

ВМРО-ДПМНЕ ќе го брани НАТО од Македонија.

Во наизглед неверојатен пресврт градоначалникот на Аеродром и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека одредени министри и безбедносни структури во Македонија финансирале проруски медиуми во земјава.

„Постои едно сомнение коешто доаѓа и надвор од Македонија дека владини претставници, одредени министри и одредени безбедносни структури во Македонија користејќи државни ресурси во една специфична ситуација и едно акционерско друштво во доминанта државна сопственост, финансираат медиуми коишто се таканаречени проруски медиуми“, изјави Муцунски за Радио Лидер.

Откако неговата партија го осуди Преспанскиот договор со кој станавме членка на НАТО велејќи дека со него ѝ се нанесени огромни штети на Македонија, сега Муцунски вели дека тие проруски медиуми „шират една пропаганда спротивна на интересите на нас како земја членка на НАТО“.

Муцунски не наведува ни кои се тие структури на власта и медиуми, а ни врз што ги темели тие сознанија. Но, најави дека за таквото антиатлантско однесување ќе имало одговорност кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дошло на власт. Тој уште додаде дека биле следени неговите комуникации од страна на безбедносните служни и дека тоа била пропаганда против опозицијата.