„Тиквеш“ го унапредува одржливото лозарство преку партнерство со лозарите, знаење и иновации
Во рамки на долгорочната платформа за стратешката соработка со лозарите, Винарската визба „Тиквеш“ ја одржа традиционалната годишна средба со своите кооперанти, која годинава беше посветена на развојот на одржливото лозарство и примената на современи технологии и практики што овозможуваат производство на поквалитетно грозје, поефикасно користење на природните ресурси, заштита на животната средина и на биодиверзитетот и поголема отпорност на лозовите насади на климатските промени.
На средбата, на која присуствуваа речиси 100лозари од тиквешкиот регион, беше истакната соработката како клучен фактор за обезбедување одржлив развој и беа споделени искуства за современите пристапи за мониторинг и управување со лозовите насади, базирани на научни анализи, дигитални технологии и прецизно лозарство.

Во обраќањето пред присутните лозари, претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, истакна дека одржливото лозарство претставува еден од клучните предуслови за долгорочниот развој и конкурентност на ВВ „Тиквеш“ и на целата македонска винска индустрија.
„Производството на секое врвно вино започнува во лозјето. Без континуирано инвестирање во знаење и современи технологии, како и без соработка и партнерство помеѓу нас – производителите на вино и вас – лозарите, не можеме да се надеваме на долгорочен развој на целокупната винска индустрија. Нашата заедничка цел не е само да произведеме поквалитетно грозје денес, туку заедно да изградиме лозарство што ќе биде поотпорно на климатските промени, поефикасно во користењето на природните ресурси и одржливо на долг рок. Само така можеме да го зачуваме и дополнително да го унапредиме угледот на македонските вина на светските пазари, што е единствениот пат по кој треба да се движиме и кој носи придобивки за сите“, истакна Јаневски.
Во рамки на средбата се разговараше за неопходноста да се применува пристап заснован на податоци, континуиран мониторинг и прецизни анализи при управувањето со лозовите насади. Целта е навремено носење одлуки што придонесуваат за подобар квалитет на грозјето и поодговорно користење на ресурсите. Истовремено, средбата беше искористена за запознавање со најсовремените техники за ѓубрење на лозовите насади и за управување со лисната маса, понатаму со правилната и навремената заштита од болести и штетници, како и со правилното и прецизно одредување на потребна количина на вода и други практични детали кои се особено важни во процесот на наводнување на насадите.

Според Александра Ристова, раководителка на Одделот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“, современото лозарство бара комбинирање на долгогодишното искуство со најновите научни сознанија и технологии.
„Климатските промени веќе не се предизвик на иднината, туку реалност со која лозарите се соочуваат секоја сезона. Затоа сè повеќе се потпираме на податоци, мерења и современи технологии што ни овозможуваат прецизно да управуваме со лозовите насади. Нашата цел е да произведеме грозје со врвен квалитет, но истовремено да ја намалиме потрошувачката на вода, енергија и заштитни средства и да ги зачуваме природните ресурси. Веруваме дека токму ваквиот пристап претставува стандард за одржливо лозарство и најголемата придобивка и за лозарите и за целата винска индустрија“, истакна Ристова.

„Тиквеш“ посветува посебно внимание на континуираната соработка со лозарите, која претставува еден од клучните столбови на развојната стратегија на винарницата. Само во текот на една година се реализираат над 150 теренски посети на лозови насади, а се спроведуваат и по повеќе од 1000 стручни опсервации, како и бројни анализи на почвата и советодавни активности, обезбедувајќи им на лозарите континуирана стручна поддршка во текот на целата производствена сезона.
Покрај редовната комуникација и едукација, „Тиквеш“ продолжува да инвестира во развој на современи алатки и практики што придонесуваат за производство на висококвалитетно грозје, поголема отпорност на лозовите насади и долгорочно зачувување на природните ресурси и на животната средина. На тој начин „Тиквеш“ не само што создава предуслови за производство на вина со врвен квалитет, туку дава и значаен придонес кон развојот на поодржливо, поконкурентно и поотпорно македонско лозарство и винарство.
(Kомерцијален текст)