TикТок го отвора првиот центар во Европа за да ги ублажи стравувањата од кинески надзор


Социјалната мрежа ТикТок го отвори својот прв центар за податоци во Европа во Ирска со цел да ги отстрани стравувањата од повреда на приватноста и надзорот од страна на Пекинг со преместување на податоците на европските корисници на Стариот континент.

Компанијата ја објави миграцијата на податоците во февруари, а во вторникот објави дека веќе почнала да ги префрла на серверите во Даблин.

Името „Проект детелина“ треба да ја сигнализира клучната улога на Ирска во плановите на ТикТок. Во вторникот беше отворен центар за податоци во Даблин.

Треба да се отвори уште еден во Ирска и еден во Норвешка.

ТикТок, кој е во сопственост на кинеската ByteDance, постојано нагласува дека никогаш не доставил податоци до Пекинг. Но, критичарите стравуваат дека Кина може да побара пристап, според Би-би-си.

Голем број институции ја забранија апликацијата на официјалните уреди на функционерите, меѓу кои Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ и британската влада, потсетува Би-би-си. Проектот детелинка, исто така, ангажираше глобална компанија за сајбер безбедност, NCC, со канцеларии низ Европа, која треба внимателно да ги анализира механизмите за заштита на податоците на ТикТок и да пријави какви било инциденти.

NCC ќе идентификува и ќе одговори на какви било „сомнителни или невообичаени обиди за пристап“ и ќе работи на подобрување на безбедноста, рече ТикТок.