Тетовските пожарникари лани имале рекордни 984 интервенции, во просек по три дневно


Во текот на 2024 година Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово бележи вкупно 984 интервенции или речиси три интервенциии секојдневно. Според командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети, кој 15 години работи како пожарникар, ова е рекордна бројка на интервенции на оваа служба.

-Ако споредуваме со другите години, оваа година што помина, беше со рекордни 984 интервенции, никогаш пред оваа година не памтиме толку интервенции. Освен пожари и сообраќајќи имаме интервенции на поплави што се случија во градов два пати. Оваа година во текот на јануари имаме 41 интервенција на пожари во затворени простории, вели Авни Амети.

ТППЕ Тетово покрива шест општини, од кои Тетово и пет рурални општини, што претставува голема територија и население па и минатата 2024 година се соочиле со недостигот на пожарникари.

-Отворивме станица во општина Желино, имаме планови да отвориме уште две станици за да ја покриеме целосно територијата, но за бројката на пожарникари се знае дека и секогаш сум зборувал дека во Тетово според параметри потребни се уште 55 пожарникари. Со таа бројка и овие 100 што сега ги имаме оптимално би можеле да го покриеме регионот од аспект на територија и население, рече Амети.

Пожарникарите и во оваа прилика ги повторуваат апелите-граѓаните да бидат грижливи и да не е предизвикуваат пожари од невнимателност или намерно, а властите да инвестираат што повеќе во опрема и возила.

-Пожарникарите треба да бидат во прв ред во државата, затоа што ние влегуваме секаде каде што е ризично, кај секој граѓанин на кој му се запалила куќата, тој излегува надвор, а ние треба да влеземе во неговата куќа. Интервенирајќи, ние директно имаме проблеми со нашето здравје заради дишење во чад. Една статистика вели дека пожарникарите се 442 проценти повеќе загрозени од канцер во споредба со народот што нормално живее. При сообраќајќи пак, директно имаме работа со повредени луѓе и сме изложени на опасност од повреди но и од заразни болести, вели тетовскиот командир.

За унапредувањето на физичката кондиција на тетовските пожарникари, Амети информираше дека договорено е со општинските служби да се користи затворениот базен два пати неделно, како и можност да се посетува вежбалница во затворена просторија.