Тетовскиот дијалект богатство на градот под Шара
Тетово – Македонските дијалекти сè повеќе изумираат. Таков е примерот и со препознатливиот тетовски градски говор, кој сега многу поретко се практикува и користи поради модерниот начин на живот.
Со цел да се зачува и да не се заборави тетовскиот дијалект, тетовецот Дарко Гавровски, кој е истражувач на минатото на градот, го напиша делото „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“, кое содржи 9.000 тетовски збора, објаснувања за нивното значење, фотографии и графикони.
„Опфатено е сè, занаетот со нивни алати, видови детски игри, стари магиски лекови, сите тетовски маала како се викале, храната на тетовските слави што се приготвувала, со примери од старите песни. Ова ќе биде првпат во историјата да се објави книга за тетовскиот говор“, вели Гавровски.
Тој потенцира дека уште пред две децении неговиот татко започнал да ги запишува тетовските зборови, по што тој ја продолжува неговата работа со дополнителни истражувања.
„Сега лесно е да ги собереш зборовите, тешко е да ги објасниш. Има тука и тетовски зборови што дури потекнуваат од некои турцизми, ама ние тетовците сме ги надградиле и си имаат за нас посебно значење“, вели Гавровски
Гавровски со ова дело сака да им се оддолжи на предците и да остави завет на идните поколенија за зачувување на тетовската историја.
„Овој говор исчезнува и книгата е обид да се зачува овој говор, кога го снемува препознатливото ‘таќе’ и ‘ваќе’ исчезнува“, додава Гавровски.
Податоците за ова дело се собирани над 20-ина години. Гавро, како што го препознаваат тетовци, во своето истражување користи голема библиографија од над 600 извори: книги, списанија, пишани документи, како и стотици интервјуа. (З.Д.)