Протести против поскапување на електричната енергија
Протести против поскапување на електричната енергија денес се одржаа во неколку градови ви земјава.
На градскиот плоштад во Тетово голем број граѓани се собраа на протест по повикот упатен од организациски одбор на социјалните мрежи во знак на незадоволство и револт поради зголемување на цената на електричната енергија. Претставник на органицискиот одбор ги прочита барањата.
– Прво регулаторната комисија веднаш да ја стави вон сила одлуката за зголемување на цената и да ја намали цената за 20 отсто. Второ, Владата да го укине монополот на услугите за ЕВН и да стави крај на нечовечкото однесување кон потрошувачите. Собранието да ја укине Регулаторна комисија бидејќи служи само за апетитите на бизнис групациите кои сериозно го оштетуваат семејниот буџет на сиромашните граѓани. Последно четврто барање е Собранието да формира независен арбитрарен орган кој ќе го верификува квалитетот на услуги и ќе адресира поплаките на граѓаните на ваквите корпоративни рекетарски компании, истакна претставникот на оргнизацискиот одбор.
Тој додаде дека споменатите институции имаат десет дена да ги исполнат барањата, во спротивно најави „бугарски модел“ и радикални постапки на граѓаните. Според прочитаното соопштение на организацискиот одбор по седум дена ќе има марш по градските улици и ќе се блокира сообраќајот.
Во Дебар, во организација на навивачката група „Соколат“ на фудбалскиот клуб „Кораб“, подржани и од други граѓански организации, доцна попладнево беше одржан протест против поскапувањето на струјата.
Поголем број дебрани се собраа пред наплатниот пункт на ЕВН кој се наоѓа во центарот на градот. Пред насобраните, претсавникот на организаторот, Адрит Фетаху, прочита четири барања, меѓу кои и барањето да се поништи одлуката на Регулаторната комисија за поскапување на цената на електричната енергија.
– Бараме да се поништи монополот на услугите на ЕВН и да се подобри нивното некоректно однесување кон потрошувачите и секако да се распушти Регулаторната комисија, тело што им служи на интересите на деловните групи и корпорациите на штета на многу тешката економска ситуација на граѓаните, рече Фетаху.
Четвртото барање беше да се формира независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.
И во Гостивар вечерва се одржа протестен марш против одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти. Маршот го организираше навивачката група „Кастриоти“.
Целта на протестот е да се истакнат нивните барања: да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен трибунал во служба на граѓаните кој ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката.
Со транспаренти за намалување напишани на албански јазик, знамиња на Република Албанија и скандирање повеќе стотина граѓани поминаа од Центарот за култура до градскиот плоштад.
Егзон Азизи од навивачката група „Кастриоти“, кој го предводеше маршот посочи доколку не се исполнат нивните барања од четири точки, протестите ќе бидат радикализирани.