Тестирано безжично напојување од вселената


Европската вселенска агенција ЕСА преку проектот Соларис истражува иновативни можности за технологија со кои соларната вселенска енергија може да се примени во пракса, односно безжично да се пренесе на кое и да е подрачје на Земјата.

Еден таков метод е демонстриран во Минхен, во објектот на „Ербас“.

Стручњаците по пат на микробраново емитирање префрлија таканаречена зелена енергија меѓу две точки оддалечени 36 метри кои ги претставуваа вселената и Земјата.

Со помош на примената енергија одветлија модел на град, произведоа зелен водород со раздвојување на водата и прв пат безжично изладија безалкохолно пиво.

Собирање соларна енергија 24 часа дневно, седум дена во неделата

Според работната верзија на соларниот систем базиран на вселената, сателити во геостационарната орбита би собирале сончева енергија постојано, а потоа би ја претворале во микробранови и би ја емитирале кон приемниците на Земјата, пишува ЕСА.

Сателитите би требало да се многу големи, дури неколку километри, (за споредба: Меѓународната вселенска станица е долга 108 метри), за да произведат еквивалентна јачина типична за нуклеарните електрани. За да се постигне тоа, потребен е технички напредок во подрачја како производство во вселената и роботска монтажа, како и евтини фотонапонски системи со висока делотворност, електроника со голема јачина и формирање на радиофреквенциски сноп.

Исто така, ќе се истражува какво влијание може да имаат микробрановите мали јачини на здравјето на луѓето и животните, па и дали се компатибилни со авионите и сателитите.

„Технологијата се базира на едноставен принцип, фаќа сончева светлина и потоа безжично ја емитира кон Земјата каде би можело да се напојуваат градови, фабрики и домаќинства“, објаснува Жан Доминик Кост од „Ербас“.

Проектот Соалрис
За предностите на собирање на соларна енергија од вселената зборуваше и Јуан Тју од „Ербас“.

„Надвор од земјината атмосфера, сончевата светлина ни е достапна во неограничен период, не само во текот на денот и по убаво време како на Земјата. Дополнително, посилна е за 50 отсто. Така соларните панели во геостационарната орбита кој е со иста големина со оној на Земјата може да произведе значително повеќе електрична енергија“, вели Тју.

Истражувањата на проектот Соларис ќе им овозможат на државите членки на ЕСА да донесат информиран избор за иднината на имплементацијата на вселенската соларна енергија како нов извор на чиста, секогаш активна сила која ги надолопнува постоечките обновливи извори на енергија.

ЕСА на 22 и 23 ноември оваа година ќе го претстави проектот Соларис пред европските делегати во агенцијата.