Тешко дека Македонија ќе започне преговори со ЕУ, оценува Весела Чернева


 

По бурата што ја предизвика новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова и силните реакциии од Грција, Бугарија и ЕУ, познатата Весела Чернева вели дека во моментов изгледа тешко да се замисли дека Македонија може наскоро да ги започне преговорите со ЕУ. Според Чернева, која е директорка на канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, двата клучни договори, тој со Бугарија и тој со Грција, „се пред замрзнување, да не кажам и нешто повеќе“.

Во изјавата за Бугарското национално радио Чернева вели дека „овие типично симболични гестови од страна на новата македонска претседателка навестуваат прилично студена клима и се чини дека Македонија нема да биде меѓу првите што ќе преговара и ќе напредува во однос на ЕУ“.

Таа потсети дека двете коалиции од албанска страна „искажале цврста поддршка за двата договори, а особено за уставните измени“.

„Ако тоа е условот за формирање влада, може да се одолговлекува. Не гледам знаци од ВМРО-ДПМНЕ да се оди во таа насока. Можеби прво ќе видиме одложување на формирањето на влада, а потоа замислувам некаков распоред како постепено да се преминена разговори за измени на уставот на Македонија, но сигурно ова нема да биде првото нешто што ќе го направи оваа влада“, рече Чернева.

Таа коментира дека ЕУ почнала многу поактивно да зборува за проширување, но не поради балканските земји, туку поради Украина и Молдавија.

„Во ЕУ сфатија дека напуштањето на такви сиви зони предизвикува инвазија на непријателски сили. Затоа, темата на проширување е многу променета, се работи за безбедноста и како да се згуснат областите околу ЕУ за да бидат посилни. Затоа, не е вообичаено проширување. Ќе се зборува многу повеќе за соработка во областите како што се одбраната и безбедноста, и она што, на пример, земјите како Србија си дозволуваат да не се придржуваат кон ЕУ, вклучително и санкции. Такви кандидати нема да може да напредуваат. Целото портфолио на проширувањето ќе има многу поголема политичка тежина во ЕК“, прогнозира Весела Чернева.