Терористи или туристи


НАНО РУЖИН

Кога се прави споредба на настаните од 27 април и упадот во Капитолот на САД треба да се знае дека оние што се обидоа да ги убијат Заев и Села според американското законодавство ќе добиеја доживотен затвор

 

Ние учиме од Американците, но дали и тие учат од нас? Тинејџерите од Велес станаа шампиони за извоз и ширење на лажните вести во САД за време на претседателската кампања во 2016.  Македонските про-Трамп спамери од Велес од страна на „Базфид“беа оценети како автори на топ десетте најважни лажни вести за време на политичката битка помеѓу кандидатот на демократите Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп.

Четири години подоцна, можеме да бидеме „горди“ дека во САД на 6 јануари токму на Бадник нашите „уставобранители“ го извезоа и моделот за обид на рушење на уставниот поредок под изговор на „бранење на Уставот“. И додека кај нас се разви дебата дали македонските трамписти биле терористи кои ја рушеле новосоздадената  владејачка коалиција, или биле туристи за да направат некое селфи во зградата на Собранието, сеќавањата на оние кои беа тепани и оние кои тепаа, ја поделија политичката елита според партиската припадност.

ВМРО-ДПМНЕ своите  ги нарече „уставобранители“ и „политички затвореници“, кои неоправдано се осудени на долгогодишни затворски казни. СДСМ опстојува на судската одлука дека упадот во Собранието  представувало „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“. Претседателот Пендаровски не се согласува ниту со едната ниту со другата теза, фрлајќи сомнеж дека „луѓето што влегле во Собранието биле терористи“.  За СДСМ, со чинот на пресудата, случајот бил затворен. ВМРО-ДПМНЕ бара обновување на судскиот процес. Претседателот Пендаровски лаконски порача дека „доколку се поднесат нови докази и сведоци не е исклучено да дојде до обновување на судскиот процес“, но притоа истакна дека нема намера да помилува никого од осудените лица. 

Ченто, Кољо и Југ како Анџели, Еимбах и Биго?

Главни ликови во настаните од 27 април беа Ченто, Трајковски, Кољо, Игор Југ,  Анѓелковски и Нинџа во соработка со полициските врвови на Бирото за бавна безбедност и УБК. Основниот изговор за упадот на демонстрантите произлезе од теоријата на заговор спакувана како Тиранска платформа. Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ,  „Реализацијата на платформата од Тирана и обидите преку наметнувањето на албанскиот јазик како официјален, претставува редефинирање на Република Македонија, што е спротивно со мултиетничкиот карактер на државата“. Разјарената толпа на 27 април во името на  самопрогласениот патриотизам тепаше пратеници, крвареа главите на  идниот премиер премиер Заев и на пратениците на СДСМ, како и на коматозниот Села од Алијансата.  Во правна смисла на зборот тоа беше класично убиство во обид. Според некои сознанија претседателот Иванов се подготвувал да прогласи воена состојба и да воспостави полициска репресија кон опозицијата која се договори со ДУИ да застане на чело на државата.

Во американското Капитол-сценарио, најпознати ликови беа Џек Анџели со препознатливата бизонска фризура и видливите рогови и неонацистот Метју Еимбах. Нивните фаци станаа претпознатливи и направија медиумски круг околу светот. Во стилот на шерифите од Дивиот Запад ги одмараа нозете врз работните маси на конгресмените, парадираа со знамињата на конфедерацијата како „Линард скинард“ и ја пееа „Свит Алабама“ и се сликаа зад бирото на претседателката на Претставничкиот дом. Кои беа овие трамписти, надарени со реторика, активни и на социјалните мрежи  кои успееа да направат хаос во америкаснкиот парламент?

Ричард Барнет, познат како „Биго“ по потекло од Арканзас, познат милитант за оружје, си дозволи да седне во бирото на Ненси Пелоси шеф на демократите во Представничкиот дом. „Ова е моја работна маса, не е нејзина, само привремено ѝ е позајмена. Јас сум патриот“. Џек Анџели, оној со роговите и бизонската фризура, со голите гради, нашминкан како „духовен војник“ (spiritual warrior) од Аризона, се претставува како „нумерички војник на QAnon”. „Ние сме патриоти на фронтот во Аризона и настојуваме нашата позитивна енергија да ја донесеме во Вашингтон“, напишал на социјалните мрежи. Метју Еимбах е неонацист, со тркалезно лице и наочари без рамки. Го сметаат за „новото лице на белото неонацистичко движење“. Еимбах е и организатор на екстремната десница во Вирџинија. Адам Џонс, кој со гордост ја носеше капата „Трамп“ е крадецот на минберот на Ненси Пелоси од Флорида. Конечно во елитната група се најде и Ашли Бабит, поранешен воен официр во воздухопловните сили на САД, либертаријанка од Калифорнија кој беше застрелена од страна на обезбедувањето на Капитол.

Со својата маркантна капа од бизонска кожа и рогови, Џек Анџели стана симбол на заземањето на Капитол. Тој се нарекува „Q Shaman“ и верува исто како и неговите истомисленици дека се работело за голем заговор против Доналд Трамп. „Трамп водеше тајна војна против педофилските канибали на Демократската партија“, истакнал пред новинарите. Според Анѓели, кој се смета и за метафора на богот Вотан или Один, дошол до откритие дека во големиот заговор против Трамп учествувале Илуминатите, Трилатералната комисија, како и групата Билдерберг која го контролира светот. Тие организираа масовна кражба на изборната победа на Трамп. Од своја страна, Доналд Трамп, кој и самиот истакнуваше дека неговата победа е украдена, настаните во Капитол ги коментираше вака: „Се чудам што дури сега се случи ова“.

Домашен тероризам

Целиот овој опасен циркус кој се случи во зградата на Капитол, Бајден го нарече „домашен тероризам“. Слични позиции искажаа и директотор на ФБИ Крис Вреј и Леа Писар, поранешен советник на Бил Клинтон, кои  трагичната фарса во Вашингтон ја оценија како „обид за државен удар, „напаѓачите го десакрелизираа Капитол“, иако масата која пенетрираше во Капитол беше наоружана исклучиво со мобилни телефони, фотографски апарати и знамиња. Голем број од нив правеа селфи за спомен, за историјата и за нивните внуци.

Интервенцијата на полицијата резултираше со четири жртви меѓу заговорениците, а умре и еден член на капитолската полиција. ФБИ отвори илјадници досиеја, а околу 400 лица од заговорениците се веќе уапсени. Портпаролот Стивен Дантуоно истакна дека ФБИ поседува „добра меморија и долги раце“.  Дебелото досие за настанот во Капитол е богато со над 100.000 фотографии. „Доколку сте биле меѓу учесниците ние сигурно ќе затропаме на вашата врата“, се закани Дантуоно.

Многу експерти од Европа и САД како Мишел Лиежоа  од Универзитетот Лувен, сметаат дека инвазијата била  спонтана манифестација, без конкретен план за рушење на власта. Таа дегенерирала како еден вид радикален хепенинг, со лоша аура и расположение, но без насилнички амбиции. Дури и францускиот претседател Макрон цинично ќе констатира: „Ние живееме во демократијата, зарем не?“

Независно од реалните очекувања и амбиции на освојувачите на Капитол,  американските правни експерти сметаат дека домашното судство ќе изрече остри казни како пример „кој никогаш повеќе не смее да се повтори и да ја понижи американската демократија“. Американскиот закон предвидува сериозни казни доколку влезете во Конгресот без дозвола. Уште построги се казните доколку навредувате или носите оружје. Кривичниот закон за повреда на федералниот имот предвидува казна од 10 години затвор. Доколу обвинителите докажат дека бунтовниците планирале да ја ослабат или урнат власта, предвидена е казна од 20 години затвор.  Казните за убиство во обид како што беше случајот со Заев и Села на сѐ уште неинаугурираниот Бајден или пратениците во обата американски дома во американското законодавство предвидуваат доживотен затвор.

Во американскиот случај и покрај апелите на Џулиани и Трамп да се протестира во зградата на Капитол, општи се констатциите дека не се работело за организиран упад. Сепак останува на американското обвинителство да се позабави со сите детали. Во македонскиот случај самиот чин што судството пресуди долгогодишни казни за функционери од Бирото за јавна безбедност и УБК со кои сѐ уште раководеше претходната власт, може да се констатира дека постел план за елиминација и рушење на парламентарното мнозинство од кое ќе призлезе новата коалициона влада.

Претседателот Пендаровски е во право кога констатира дека дефинициите за тероризмот се противречни и дека не постои универзален кривичен одговор кон тероризмот. Затоа и толкувањата на експертите можат да се разликуваат од случај до случај. Евидентно е дека постојат големи диспаритети во утврдувањето на точната политичка дефиниција на тероризмот. Наједноставна дефиниција е дека „тероризмот е употреба на терор во идеолошки, политички и верски цели“. 

Постојат повеќе видови на тероризам, како што се индивидуалниот, организираниот, државниот, меѓународниот, домашниот, сајбер-тероризмот, нарко-тероризам, тероризмот за време на војна и во мирнодопски услови итн. Невозможно е сите овие политички парадигми на тероризмот да се стават под иста капа. Од досегашните искуства она што за едни се квалификува како терорист, за други се квалификува како ослободително движење.

Според мислењето на Групата на дванаесет високи експерти и на Генералниот секретар на ООН, Кофи Анан за тероризам се смета „секој акт кој има тенденција да причини смрт или тешки повреди на цивилни лица и не-борци и настојува согласно природата и контекстот да го заплашува народот или да ѝ се спротиставува на власта или на одредена  меѓународна организација да исполни некој акт односно да се абстинира“.

За разлика од политичките поимања, правните поимања на тероризмот се поексплицитни. Во повеќе европски кривични закони (Франција, Германија) под поимот терористички акт се опфаќа секој индивидуален или колективен чин кој има за цел да го нарушува јавниот поредок преку заплашување, тероризирање и други видови престапи, како што се посегање по животот на друга личност, напади врз интегритетот на други лица, киднапирање, измачување итн.  Дел од споменатите елементи се пронаоѓаат и во настаните од Македонското собрание од 27 април. Нема сомнеж дека сите оние кои влегоа во Собранието на 27 април не се терористи. Веројатно некои биле идеолошки настроени против новата коалиција и влегле со чуство на надеж дека и натаму ќе опстојува владата од која имале одреден бенефит. Други се најдоа таму од љубопитност, колегијалност, партиска солидарност, психологија на неконтролирана маса, но беше евидентно дека беа причинети и акти на тероризам. Тоа не е оној тероризам како на Ал Каеда од 11 септември 2001, ниту оној на групата Бадер-Мајнхоф, ЕТА или Црвените бригади, но сепак барем според европските критериуми биле ефектуирани акти на тероризам.

Некои од тие луѓе беа индоктринирани, изманипулирани и несвесно вовлечени во играта на политичарите, не сфаќајки го значењето на чинот на насилното влегување во законодавниот дом и посегањето по животот и безбедноста на пратениците и политичките лидери. За жал, како алатка во рацете на политичарите овие луѓе ја плаќаат цената на сопствената наивност и расипаноста и себичноста на нивните водачи.

(Нано Ружин е универзитетски професор)