Теодосиевска: „Браќа Манаки“ беше и ќе остане мојата филмска школа

Четири децении заокружува годинава Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, најстар во светот посветен на креативноста на кинематограферите, „невидливите“ професионалци зад камерите одговорни и заслужни замислениот филмски проект да стане приказна во слики на големото платно. Фестивалот 40 години достојно го носи името на првите сниматели на Балканот – Милтон и Јанаки Манаки и го афирмира нивниот фотографско-филмски опус со тоа што им оддава признание на нивни колеги по занает и талент – на современи светски мајстори на камерата.

Организирана првпат во април 1979 година како „Денови на филмската камера ’Милтон Манаки’“ по повод 15 години од смртта на Милтон Манаки, филмската манифестација во Битола израсна во бренд на градот и на државата.

За етаблирањето на фестивалот што во изминатите години го посетија познати филмски уметници и за идните предизвици, пред почетокот на јубилејното издание разговараме со Гена Теодосиевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“ . Таа изјави дека осум вечери ќе се слави филмот, ќе има нови локации за проекции и други новини, нестандардно отворање на фестивалот. Зборува за гостите, колку е тешко да се договори доаѓањето на лауреатите, за посветеноста да ја мотивираат публиката, за  воспоставената соработка со други европски фестивали, за визијата за ИФФК на следниот јубилеј… Теодосиевска е речиси 35 години со фестивалот за кој вели дека бил и останува нејзината филмска школа.

Како ќе се одбележи 40-годишниот јубилеј на ИФФК „Браќа Манаки“? Освен што е поместен порано почетокот на фестивалот (14-21 септември), има ли други новини на годинашното издание?

– Тоа и не е најважно, терминот беше определен да не се „залепиме“ за фестивалот во Сан Себастијан, бидејќи тој е поатрактивен за некои наши колеги критичари од регионот, а ние сакавме да ги добиеме во Битола, па се „залепивме“ до Венеција, а ќе признаете и покрај целиот труд на организаторите, Битола и не е некоја фестивалска Мека, треба уште многу да се работи за фестивалот да го почувствуваме за наш, за Битола да го почувствува за свој. Тоа било и е предизвик за секој фестивалски директор… за секој член на фестивалскиот тим, без разлика дали е од Битола, Скопје или од друг град од нашата земја.

За почеток, фестивалот го отвораме со најновиот филм на, за мене највлијателниот европски режисер Педро Алмодовар,  моралниот победник во Кан, ремек-делото на нашиот драг Хосе Луис Алкаине: „Болка и слава“. Кинематограферот Алкаине е фестивалски лауреат и добитник на наградата „Златна камера 300“ за животен опус во 2013 година и тој ќе биде нашиот специјален гостин на отворањето. Се потрудивме и успеавме за овој филм да добиеме право и за втора проекција, за која се надеваме ќе има голем интерес како во Битола, така и од страна на филмофилите од целата наша земја. Се надевам дека овој потег ќе биде забележан.

Нашата долгогодишна соработка со Европската филмска академија, пак, придонесе на отворањето со своето присуство да нѐ почести големиот филмски драматург, сценарист, режисер, продуцент, Ирецот Џим Шеридан, кој ќе ни ја испрати честитката за јубилејот во име на ЕФА. Шеридан е самиот шест пати номиниран за Оскар, ги има режирано најгледаните и најдобро оценуваните филмски наслови, како „Во името на таткото“, „Моето лево стапало“, „Боксер“ итн. – филмови кои се аманет за секој филмски професионалец.

Ние и почнавме со новини. Првпат се изработи фестивалски видеоклип како проект, многу професионално. Резултатот е видлив. Првпат на фестивалот се поканети и кинематограферите во компетицијата на кратките играни филмови.

Секако дека ќе има новини, од концептот на отворањето, до привлекување  нова публика, која само чека да биде мотивирана. Имаме и нови локации за прикажување филмови покрај постојните две во Центарот за култура-Битола, две на отворено: Магазата и внатрешниот двор во Музеј Завод Битола, библиотеката и две средни училишта и едно кино-кафе, ќе експериментираме за да го почувствуваме пулсот на публиката, каде се чувствува најкомотно, најпријатно за да се посвети на филмската илузија… Но, сепак, да го почекаме изненадувањето кое го подготвуваме за отворањето кое, би рекла, годинава ќе биде нестандардно, необично.

Сите досегашни лауреати на „Златна камера 300“ биле со впечатлив професионален бекграунд, оскаровци потпишани на филмски ремек-дела, на блокбастери… Како ги избирате овие кинематографери за награди, тешко ли доаѓате до нив и како тие реагираат на поканата да дојдат во Битола?

– За највлијателните кинематографери е заслужен долгогодишниот ангажман и големото познавање на уметничкиот директор Благоја Куновски Доре. Тој сугерира, јас преговарам… поделени се улогите.  До нив не се доаѓа тешко, благодарение на долгогодишната традиционална соработка со ИМАГО. Со некои од нив, како што беше случајот минатата година со Роџер Дикинс и годинава со Ед Лакман и Јоргос Арванитис, воспоставивме директни контакти, без посредници, со мала помош од пријателите, но има кинематографери кои имаат свои агенти како и сите други филмаџии. Тогаш се оди малку побавно и тоа е помачно и трае подолго.

Со Роџер Дикинс преговаравме две години и за сѐ се договаравме со неговата сопруга Џејмс Елис. За Клаудија Кардинале јас преговарав четири месеци со неа и со нејзината ќерка. Со Фатих Акин преговараме една година, секако во контактите со него клучно беше името на Рајнер Клаусман, неговиот кинематографер. Идејата да вклучиме во фестивалската програма работилница на еден познат режисерско-кинематограферски тандем ја заговарам повеќе години. Сега и можам да ја остварам.

Покрај директорите на фотографија, неколку години наназад гости на ИФФК се и најекспонираните во филмовите – најчесто беа актерки, како Катрин Денев, Жулиет Бинош, Изабел Ипер, лани Клаудија Кардинале,  годинава доаѓа познатиот режисер Фатих Акин. Дали со тој потег ИФФК стекнува поголема популарност?

– Секој филмски фестивал има свој шарм. Фестивалот „Браќа Манаки“ ги има како свој дамар кинематогаферите, најзначајните чинители на еден филмски производ. Ако не се тие – нема филм. Тие се нашите ѕвезди и така треба да остане. Но не значи дека во другите програмски содржини не треба да покануваме и актери и режисери, и сценаристи и композитори, монтажери, тон-мајстори, сценографи, костимографи…

Секој филмски занает носи своја тајна, а верувајте со новите технологии филмот во својата реализација содржи многу возбудливи податоци.

Дали стекнуваме популарност?  Да, секако дека стекнуваме, но би рекла дека откако последниве три години одблиску сум вклучена во сите фестивалски сегменти, гледам колку голема улога играат социјалните медиуми и професионалните портали. Ние последниве три години оптимално ги користиме овие медиуми во промовирање на значајноста на овој најстар фестивал во светот посветен на филмската камера.

А Фатих Акин е навистина блескава филмска ѕвезда и пресреќна сум што ќе биде со нас во Битола годинава, а дотолку повеќе што во специјалните проекции го прикажуваме и неговото најново филмско остварување „Златната ракавица“.

Токму поради присуството на филмските ѕвезди и аурата на гламур што ја носат, отворањето на фестивалот е секогаш најпривлечно и најпосетено. Но што е со останатите фестивалски денови, има ли публика на проекциите од програмите кога го нема црвениот тепих?

– Точно е. Нема публика колку што заслужува програмата и нашата искрена посветеност да го направиме секој ден возбудлив за публиката. Пошироката кинопублика е проблем за сите фестивали во Северна Македонија. Не признавам кога ќе слушнам дека имало 400 гости на филм на фестивал во Скопје и тоа се смета за голема посетеност, па тоа е срамота, ве молам. Па тоа се посетители кои одат и на Џез-фестивалот, и на МОТ, и на МОВ  итн…

А во Битола со години се обидувам да сфатам, што е тоа што ги прави граѓаните на Битола рамнодушни кон филмот. Знам дека социјалниот момент е еден од причините, но не е секогаш тоа во прашање.

Онаа, нашата лојална филмска публика од Битола знае дека ги селектираме најдобрите, најквалитетните филмски остварувања. Таа е малобројна, но е посветена, исклучително филмски образувана, тоа се луѓе со извонредни познавања на филмот како уметност.

Со часови сум ги слушала младите битолчани кога ми раскажуваа зошто ги сакаат филмовите на Виторио Стораро, на Вадим Јусеф, на Џон Сил, на Федон Папамајкл, на Роџер Дикинс… останував зачудена од нивните длабоки анализи, од нивните развиени и зрели искази… како есеи длабоко во ноќта. Уште верувам дека сѐ повеќе такви луѓе ќе има и за нив не е битно дали ќе има црвен килим или не, тие ќе дојдат. А годинава црвениот килим и запалените светла ќе ги имаме секоја вечер, осум вечери ќе го славиме филмот.

„Манаки“ е меѓу ретките наши филмски фестивали што доби финансиска поддршка од потпрограмата Медиа на „Креативна Европа“ на ЕУ. Аплицира ли повторно и тешко ли се доаѓа до европските фондови имајќи ги предвид строгите критериуми?

– Европа има изградено критериуми во однос на ваквите програми и фондови од пред 30 години. Тие се свесни дека долгорочното вложување во културата, уметноста, во овој случај во филмот, само ќе ни ја поедностави и така комплицираната состојба во европската кинематографија. Европа секогаш се интересира за зачувување на целината. Така е и со Медиа – Креативна Европа програмата.

Најинтересно е што не е сѐ само во прикажувањето филмови продуцирани во земји од Медиа-програмата, туку и во инклузивноста на граѓаните и локалното население во овие презентации. Во промоција на човечките и културните вредности преку филмот, едукацијата на младата популација. Во креирање толеранција и свест за другите. Таа има на ум преку овие програми да се запознаеме себеси и другите што подобро, одблизу, без предрасуди. Тоа е мисија која Европа ја следи со децении.  Индивидуалецот, човековите права, авторските права, правото на слобода на говор, на движење, слобода на изразување…

Би рекла дека да се аплицира не е комплицирано ако грижливо се посветиш. Медиа-програмата на „Креативна Европа“ преферира да бидат вклучени активности кои се проекти во проект, отворени дискусии на актуелни и ангажирани теми, вклучување на ранливите категории граѓани како активни чинители во целата фестивалска програма, филмот да не биде привилегија туку природно право на припадност. Ние годинава ги вклучуваме и факултетите, средношколците и синдикатите од Битола и граѓаните од градовите кои гравитираат околу Битола. Сепак, нивната оцена зависи од крајниот производ што ќе биде презентиран.

Иако е 40-годишен и реномиран, „Манаки“ има само една канцеларија и привремено вработени. Дали тоа оневозможува тој да биде цела година активен преку други настани вон официјалната програма или да има постојана соработка со други фестивали во светот?

– За ова прашање баш и не сум надлежна. Се обидувам да укажам дека фестивалот треба да работи и да функционира низ целата година со своја канцеларија и барем по еден вработен и во Скопје и во Битола. Канцеларијата во која работиме не е ни на основачот ДФРМ, таа ѝ припаѓа на Агенцијата за филм на РСМ. Таму сме по некоја инерција и на добрата волја на Агенцијата, што ни дозволува да работиме каде што работиме.

Условите се поразителни. Предупредени сме дека ним таа канцеларија им е потребна и по завршувањето на фестивалот ќе треба да ја напуштиме. Каде и дали ќе има друг простор за работа на следното издание, засега не знам, но знам дека Игор Иванов-Изи, претседателот на ДФРМ, е во постојана потрага по адекватно решение за овој проблем откако е поставен на таа позиција.

Ние годинава направивме соработки со фестивали во Полска, Шпанија и презентација на современ македонски филм во данскиот Филмски институт во Копенхаген, независно од просторот за работа. Фестивалот има потреба од активности низ целата година. Веднаш по затворањето на ова издание во партнерство со Кинотеката на РСМ се подготвуваме да прикажеме дел од годинашната програмата во осум градови во нашата земја, каде што нема постојана или воопшто нема киноприкажување, а ќе признаете тоа е речиси 70 проценти Македонија. Тоа ќе зависи и од желбата за соработка на градоначалниците на тие градови.

Годинава ИФФК доби награда за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност токму од оние на кои им е посветен – од Меѓународната асоцијација на кинематографери – ИМАГО, сега ќе заокружи четири децении и повторно ќе угости атрактивни имиња од седмата уметност… Како актуелно раководство на фестивалот, која е Вашата визија за неговата иднина – како го гледате „Браќа Манаки“ на следниот, полувековен јубилеј?

– Имам среќа што сум на чело на овој фестивал токму во годината кога добива една голема сатисфакција за своето постоење, традиција во промоција на филмската уметност од оние на кои им е посветен фестивалот, го доби „Кристалното око“ на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите. Исклучително релевантна награда во светот на фестивалските манифестации и настани.

За оваа награда се заслужни сите оние кои имале удел во синтетизирање на нивната креативна визија во содржината и имиџот на фестивалот.

За мене овој фестивал беше и ќе остане мојата филмска школа. Јас и овој фестивал „се познаваме“ од 1985 година, кога како млад новинар со години ги следев „Манакиевите средби“, а од 1993 и случувањата, настаните, личностите и сите возбудувања на меѓународната концепција на ИФФК „Браќа Манаки“.

Овој фестивал основан пред 40 години со голем ентузијазам на филмски работници од Македонија, а во чест на првите сниматели на Балканот браќата Милтон и Јанаки, би сакала да го видам како посакувана фестивалска дестинација, како потрага по невозможното. За педесетгодишнината би сакала да има воз до Битола барем два пати дневно, да има четири пристојни киносали, индустри-зона за европски продуценти кои се во потрага по сториите на македонските филмаџии, да се вратат младите во Битола и да го чекаат септември.

Имам големи очекувања, нели? (МИА)