„Техно гума“ во услови на криза го зголеми извозот во Германија
Има компании кои и во услови на корона кризата работат со успех и инвестираат во нови објекти и технологии, а за 22 илјади компании кои работат со загуби обезбедивме сериозна поддршка за исплата на плати на 122.000 вработени, порача вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, по посетата на компанијата „Техно гума“ во индустриската зона Пинтија, заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски.
Вицепремиерката Царовска го истакна своето задоволство што оваа фирма, дури и во услови на криза, не извршила намалување на бројот на работници и притоа го задржила истото ниво на плати.
– Во разговорот со претставниците на компанијата беше истакнато дека за нормалното продолжување на работниот процес од клучно значење е напорот на Владата да се обезбеди непречен транспорт на стоки во време на пандемијата и со тоа да се овозможи трговска размена со сите главни партнери на нашата држава. Оваа компанија извезува во Германија и дури имаат зголемен процент на извоз во овој период, затоа што нивните производи се квалитетни. Но, исто така тие продолжуваат понатаму, инвестираат во технолошки развој и во нови градби и исто така очекуваат поддршка во тој дел, рече Царовска.
Компанијата „Техно гума“, постои повеќе од три децении.
– Еден од начините за финансирање на општините е токму преку бизнис секторот, преку нивните даноци. Само со успешни компании, општината Кисела вода може да оди напред, да се развива правилно и брзо и да го достигне нивото на општина со европски стандарди, нагласи градоначалникот Темелковски.
Вицепремиерката Царовска и градоначалникот Темелковски денеска реализираа посета на компании кои работат во општината Кисела Вода, каде разговараа со нивни претставници за Владините мерки за поддршка на стопанството во услови на корона кризата, како и за генералните владини политики за економски раст и развој.